Фото: З.А.

По неколкуте проблематични години во кои мразот ја собираше планираната реколта на круши и јаболка во Kичевско, кога температурите паѓаа под нула во екот на цветањето, на овоштарите им преостана да чекаат подобри времиња. Нивните стравувања годинава беа неоправдани, бидејќи во екот на цветањето, кон крајот на април, немаше минусни температури.

– Иако во поголемиот дел од април времето беше доста студено, нашите стравувања дека температурите повторно ќе паднат под нула, во екот на цветањето на овошките, сепак, беа неоправдани. Годинава природата беше помилостива, ноќите во тој период не беа премногу студени, а температурите се движеа благо над нулата, што беше од исклучителна важност за да се спасат овошките од измрзнување во екот на цветањето – вели Трајан Вељаноски овоштар од Кичевско, кој смета дека најважната компонента за годинава е исполнета, а се останато зависи од самите нив.

Слични искуства слушнавме и од други овоштари, кои се задоволни што времето ги поштеди и очекуваат добра година.

– Нашите надежи дека годинава ќе не заобиколат мразевите во екот на цветањето на јаболката и крушите се исполнија и сега полека мораме да се фокусираме кон она што ни претстои за поквалитетен род, а тоа се редовните прскања и задолжителното наводнување. Не би сакале никогаш повеќе да се повторат празните години затоа што родот во тие години потфрли за повеќе од 80 проценти – посочи овоштарот Драган од Кичево.

Но овоштарите потсетуваат дека мразот и годинава направи штета на праските и кајсиите, бидејќи во екот на цветањето имаше повеќе ноќи со ниски температури што предизвика 90 проценти од планираниот род да потфрли. З.А.