Фото: Зоран Антоски

На иницијатива на семејство што врши хортикултурно уредување на дворни места во градот, Центарот за култура во Кичево деновиве доби сосема нов поубав изглед со хортикултурното уредување што го изведе семејството на Христијан Донески.

– За да му го подобриме надворешниот и внатрешниот изглед на Центарот за култура, а на предлог на наш сограѓанин,деновиве извршивме хортикултурно уредување на холовите и предворјето на објектот.Во холот од центарот поставени се нови жардињери со повеќе видови цвеќиња кои го оплеменија овој простор кој досега изгледаше доста безлично само со бетон и стакло.На надворешниот дел уредени се веќе постоечките растенија и засадени се нови на места каде што воопшто не постоеја вакви растенија – рече директорот Мазлам Османи.

Тој ги наведе постапките кои се извршени за да се добие финалниот изглед.

– Извршено е уредување на бетонските корита, плевење на постоечките растенија, прекопување, кастрење, пополнување со хумус и прскање против инсекти, а сето тоа украсено со декоративни камења со кои е уреден и празниот дел од Центарот за култура на кој веќе пред 3 години има засадено дрвца. Дополнително засадени се и зимзелени растенија, кои заедно со новиот градски плоштад кој е во интензивна градба, целосно ќе го променат изгледот на срцето на градот – истакна Османи. З.А.