Деветнаесетгодишниот Васко Довлев од Варош беше најсреќен меѓу стотиците верници што денеска влегоа во студените води на Охридското Езеро и го извади светиот крст.
Во отежнати услови поради големите бранови предизвикани од силниот ветер, младиот Довлев, кој кажа дека се капе од мал, првпат го фаќа светиот крст.
– Чувството да се фати крстот е многу убаво. Чуствував дека е за мене. Едноставно во раце ми дојде, само падна до мене и ја пуштив раката. Со верба во Бог, одев во црква и постев и кога имаме верба се ќе биде. Најбитно здравје, среќа, љубов на сите – порача Довлев.
Градоначалникот Кирил Пецаков на сите верници им посака многу здравје, мир, среќа, а на фаќачот на крстот да има успешна година.
– Се надевам дека уште многу многу години ќе го славиме овој празник, кој за Охрид и охриѓани е дефинитивно најголем. Најбитната работа е што денес при вакви услови со силен јужен ветер и големи бранови го прославивме празникот. Да дава бериќет и убавини – истакна Пецаков.
Во делот на безбедноста на капачите се грижеа волонтери на Црвен крст Охрид, кои, како што информира претседателот на охридската организација Сашо Точков имале 20-тина интервенции на вода и копно на исекотини и премрзнати капачи.
– Драго ми е што немаше некој поголем инцидент, бидејќи вакво време со силен ветер од 15 метри во секунда или преку 60 километри на час не сме имале до сега. Брановите го направија своето. Се направи навистина голема гужва, но за среќа помина се како што треба. Температурата на водата е девет степени, на воздухот исто околу девет – изјави Точков по свечениот чин на осветување на езерските води.
Традиционално фаќачот на крстот беше даруван со пригодни подароци од Општината и црквата.
Балканскиот Ерусалеим, како што го нарекуваат е исполнет со гости како од земјава, така и од странство. Меѓу присутните беше турист од Сицијлија, Италија, кој втор пат е во Охрид на Водици, но добро ја познаваше традицијата поздравувајќи со христијанскиот поздрав „Бог се јави“ на македонски јазик. На овој празник бил и во Грција, но во Охрид според него е најубаво со прекрасни луѓе и атмосфера.
На одбележувањето на најмасовната манифестација Богојавлениев – Водици во Охрид, на Охридското пристаниште присуствуваа и премиерот Димитар Ковачевски, министерите за внатрешни работи Оливер Спасовски, за правда Никола Тупанчевски и за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, лидерот на опозициската ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицковски, како и голем број верници од земјава и странство.
Фотографии: Емил Јовановиќ