Со положување на букети свежо цвеќе во Спомен костурницата на Китиното кале, денес и во Кичево беше одбележан Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа. Букети свежо цвеќе положија претставници на Боречката организација на Кичево како и претставници на политички партии и почитувачи на поновата наша историја.
-И денес се потсетуваме на периодот во кој голем број борци го положиле својот живот, а тоа е Втората светска војна. На ова место во Спомен костурницата на Китино кале се наоѓа криптата со коските на 555 народни херои, првоборци и партизани од овој регион загинале за денешната слобода. Во нашата меморија и во меморијата на идните генерации ќе остане во сеќавање овој период од поновата македонска историја – истакна Зоран Стефаноски, потпретседател на Здружението на борците од Кичево.
Кичево е градот кој петпати е ослободуван во оваа војна а во првоослободената територија отворено е и првото училиште на мајчин јазик во село Подвис. З.А.