ДЕЛЧЕВО

Тетовската фирма „Панел-М Мехаз“, како најповолен понудувач, ќе го реализира проектот за изградба на попречни прагови од габиони во коритото на реката Брегалница, со што започнува реализацијата на првата фаза од проектот за регулација на речното корито. Економскиот оператор треба да ги заврши градежните работи во коритото на реката до крајот на ноември.
– Вредноста на работите е 910.000 денари, односно 1.073.800 денари со вклучен ДДВ, а средствата за реализација на овој договор се обезбедени од Министерството за животна средина и просторно планирање, преку Програмата за управување со водите за 2021 година , во износ од 800.000 денари, додека преостанатиот дел од паричните средства се обезбедени од Општина Делчево – информираат во Општината.
Ќе се изведе дел од основниот проект за регулација на речното корито на реката Брегалница, низводно од регулираното корито, односно ќе бидат изведени три попречни прагови од габиони. Со оваа интервенција ќе биде стабилизирано дното на минор и мајер-коритото, што ќе придонесе реката да не врши дополнително поткопување при евентуални поплавни води. Со стабилизација на коритото на тој дел од регулацијата дополнително ќе биде заштитен и новиот пешачки мост. Работите ќе се изведуваат во речното корито во должина од околу 300 метри.