Поплави кај селата Вранештица, Лисичани, Пласница и кај Македонски Брод

Повеќемесечната суша без речиси капка дожд и зимата без снег, придонесоа сите реки во земјава да останат со празни корита и да го достигнат најнискиот водостој, кој воопшто досега бил регистриран. Нискиот водостој на реките ги остави вештачките акумулации со минимално количество вода и мало производство на електрична струја, но врнежите од дожд во изминативе два дена од корен ги променија состојбите. Не само што се подигна влагата во почвата неопходна за земјоделските култури и за обработка на почвата туку речните корита се наполнија до врв, а на дел од нив водата се излеа. Тоа се случи и со реката Треска, чие празното корито до пред два дена сега почна да се прелева. Како резултат на зголемениот водостој се поплавите кај селата Вранештица, Лисичани, Пласница и низводно кај Македонски Брод, каде што на мерната станица на мостот кај ова гратче ја достигна горната граница. Реката Треска за многу кратко време ги покажа двете лица. Најпрво речиси празна и беспомошна сама да се бори со сушата и второто кога обилните врнежи од дожд толку многу го наполнија нејзиното корито, што предизвика нејзино излевање и поплави во пониските делови од полето и на објекти, кои беа во нејзината непосредна близина.

Под налетот на надојдената вода беше поплавен и рибниот ресторан „Извор“ во селото Манастирец, чии сопственици наместо да чекаат гости црпеа вода од својот локал.
– Таман поверувавме дека повеќемесечната суша ќе продолжи и понатаму, природата го покажа својот непредвидлив карактер и до вчера празното корито на Треска го наполни до врв. Како резултат на зголемениот прилив на вода, дојдоа и поплавите во крајречниот појас на потегот кај селата Вранештица, Лисичани и Пласница.

Поплавените површини во најголем дел се ливади, а помал дел ораници засеани со есенски култури. Според нашите процени, од излевањето на Треска се поплавени над 150 хектари ниви и ливади и ако натаму продолжат врнежите од дожд, тогаш поплавените површини ќе бидат и поголеми – вели Кемаил Сами, претседател на месната заедница во селото Лисичани.

Инаку, излевањето на Треска се случи во саботата околу полноќ, но радува фактот што од поплавата сѐ уште не е загрозена училишната зграда од ова село, како што беше случај во претходните поплави, па наставата може да се одвива без тешкотии. Низводно од селото Лисичани се поплавени пониските делови од полето во селото Пласница, претежно ливади, како и пониски делови од крајречниот појас низводно од Македонски Брод.