Фото: Зоран Антоски

Со учество на локални пеливани, пеливани од повеќе Балкански земји и во присуство на голем број гледачи, во село Црвивци, Кичевско, се одржа петиот турнир на пеливани „Ускана 2019“.

Пеливаните беа поделени во пет категории (пет раце), а присутните можеа да проследат интересни и изедначени борби, кои во целост ги задоволија нивните очекувања. Покрај многубројните гледачи, на денешниот турнир присуствуваше и градоначалникот на општина Кичево, Фатмир Дехари, кој даде полн придонес во организирање на турнирот и продолжување на многувековната традиција на пеливанството во овој регион.

Фото: Зоран Антоски

Турнирот редовно се одржува во периодот кога во земјава на годишен одмор доаѓаат и голем број гастрбајтери, за и тие да бидат присутни на овој настан, кој е многу популарен и кај нив. Пеливанскиот турнир го организира локалниот боречки клуб „Ускана-Уника“ а беше финансиски поддржан и од Општина Кичево. Инаку пеливанскиот турнир секоја година се одржува во друго село во општината.

– Петиот пеливански турнир што се одржа во село Црвивци беше проследен од голем број на гледачи и со учество на над 100 пеливани од земјава, соседството и Турција. Пеливаните беа поделени во пет раце (категории). Во петта рака зедоа учество 28 пеливани, а првото место го освои домашниот пеливан Аќиф Азизи, член на клубот „Ускана-Уника“ од Кичево. Во четврта рака во конкуренција беа 28 пеливани а првото место го освои Омур Исаили од Драчевица. Во трета рака учествуваа 25 пеливани а првото место го освои Алириза Арапоски од локалниот клуб „Ускана-Уника“. Во втора рака зедоа учество 18 пеливани а првото место го поделија гостинот од Турција Атакан и домашниот пеливан Самир Ибраими член на „Ускана-Уника“. И во најсилната конкуренција, поточно во прва рака, првото место му припадна на гостинот од Турција, Серкан, второто место го освои домашниот пеливан Орхан Имери од „Ускана-Уника“, а третото место му припадна на Мухамед Вејсели од БАС-Студеничани – рече Рамазан Бајрами, кој додаде дека најдобрите во сите раце добиле пехари, медали и парични награди.

Фото: Зоран Антоски

З.А.