КИЧЕВО

Вангел Љакоски е чевлар со инженерска титула и 25 години е мајстор во својот занает. Вели дека досега немало потешка година од оваа, кога поради коронавирусот состојбите драстично се промениле на полошо. Во неговата чевларска работилница пролетоска со часови не влегувал ниту еден муштерија затоа што граѓаните биле исплашени од вирусот.
– Освен тоа, почна да им се влошува и економската состојба. Имаше денови кога едвај заработував 50-60 денари и секакви мисли ми доаѓаа во главата, па дури да го оставам и занаетот од кој обезбедував егзистенција во изминатите две и пол децении. Слична беше и е состојбата до денес, кога имаме само 30 проценти од работата споредена со истиот период претходните години – вели мајстор Вангел, кој очекува конечно да се надмине проблемот со пандемијата и тие да почнат да работат понормално, да се вратат муштериите во неговиот дуќан и да се зголеми обемот на работа како во претходниот период.
Обемот на работа на чевларите е намален и поради тоа што учениците не одат на настава.

– Ако одеа на училиште, ќе требаше да ги поправат ранците, кои поради следење на наставата од дома не им се потребни. Исто така порано на голем број ученици пред и на почетокот на учебната година им ги средувавме патиките за часот по фискултура, а сега немаат потреба од настава по физичко, па затоа и патиките не им се неопходни за овој предмет. Дополнително состојбата ја влошува и топлата есен, речиси граѓаните до пред самиот почеток на зимата носат лесни обувки и немаат потреба од есенски чевли и, ако се повтори топлата зима како претходните години без речиси нималку снег, нема да им бидат потребни ниту зимските обувки и чизми, а тоа значи и помалку работа за нас. Во овој момент некаква надеж ни влева помошта што ни ја вети Владата за наредните три месеци, за да преживееме како индивидуални занаетчии – вели мајстор Љакоски.

За овој занает, додаде, кај младите речиси воопшто немало интерес, а оние малкутемина што доаѓаат да го учат занаетот повеќе не се враќаат во дуќан да продолжат да учат и да работат, бидејќи сметаат дека овој занает не е за нив. Дополнително, кинескиот увоз со евтини обувки ги демотивира граѓаните да ги поправаат старите обувки, бидејќи за истите пари ќе купат нови, иако со послаб квалитет.