Во наредните осум дена ќе бидат спроведени обуки за претседателите на избирачките одбори и нивните заменици, што ќе бидат вклучени во овој процес, за претстојните претседателски избори. Обуките ќе се одвиваат во сите општини во земјава, а во Општина Кичево овие обуки ќе ги посетуваат 115 претседатели на избирачки одбори и исто толку нивни заменици.

Обуките ќе ги вршат специјално подготвени обучувачи, кои во претходниот период беа подготвени за оваа операција а тимовите за обука ќе ги сочинуваат по три члена.

– Во наредните осум дена од страна на претходно подготвени обучувачи ќе бидат изведени обуки за претседателите и замениците на избирачките одбори во целата наша земја. Во нашата општина обуките ќе ги следат 115 претседатели на избирачки одбори и исто толку заменици. Обуките ќе се изведуваат секојдневно во траење од по 5 часа. По завршувањето на овие обуки ќе следуваат обуките за членовите на избирачките одбори. Обучувачите што ќе ги спроведат овие обуки ги сочинуваат тимови од по три члена, кои претходно од страна на ДИК беа подготвени за оваа операција. Инаку за прв пат ќе бидат спроведени вакви обуки, збогатени со повеќе содржини, илустрации и примери- истакна Антигона Сефери, дел од тимот обучувачи и претседателка на ОИК за Општина Кичево.

Инаку во Општина Кичево за овие избори на единствениот избирачки список се запишани 50.382 гласачи, а ќе се гласа на 115 избирачки места, додека 5 избирачки места поради недоволен број гласачи, помалку од 10, се селат во најблиските гласачки места. Така гласачите од Кладник ќе се изјаснуваат во село Козица, од Душугубица и Ехловец во Извор, од Јагол Доленци во Јагол и од Дупјани и Рабетино во село Светорача.

З.А.