Прилеп денеска, во присуство на премиерот Зоран Заев, пушти во функција четири нови автобуси на метан. Според општината Прилеп, инвестицијата од 60 милиони денари го осовременува јавниот градски превоз.

– Први во Македонија пуштаме современи, модерни автобуси со „еуро 6“ стандарди. Автобусите ќе бидат корист за граѓаните заради заштита на животната средина. Автобусите ќе се плаќаат во рок од четири години, а ги добивме сега. Трошоците ќе се намалат, а прилепчани ќе имаат еколошки превоз – изјави градоначалникот Илија Јованоски.

Директорката на ЈП за ПУП Марија Цветановска изјави дека автобусите се нископодни.

-Граќаните ќе добијат редовен, комфорен и навремен градски превоз, а ќе излеземе од лошата финансиската состојба како претпријатие и ќе се воведе и четврта линија во Вишне – рече Цветановска, посочувајчи дека автобусите ќе можат да ги користат и лицата со посебни потреби, односно со колички.

Премиерот Зоран Заев посочи дека екологијата е важна за државата.

– Ова е сериозна инвестиција која овозможува еколошки транспорт и се испраќа порака од државата дека се грижиме за еколошките вредности – рече премиерот Заев, истакнувајќи дека напредува гасоводот во пелагонсикиот регион. Ка.М.