По завршувањето на првата тунелска цевка во ноември, се приближува крајот и на втората цевка од тунелите под Пресека. Според последните мерења, од оваа тунелска цевка преостануваат уште 18 метри до целосното пробивање. Екипите на „Синохидро“, главниот изведувач на автопатот, се целосно фокусирани кон завршување и на овој тунел, со што практично ќе заврши најтешкиот дел од работата од автопатот Кичево-Охрид.

– Благодарение на 24 часовниот ангажман на нашите работници, се ближи кон крај работата и на втората цевка од тунелите под Пресека. До целосното пробивање на овој тунел преостануваат уште 18 метри и, ако нешто непланирано не се случи, би требало до крајот на март или почетокот на април да биде пробиен и овој тунел, кој е нешто подолг, за разлика од веќе пробиениот, и неговата вкупна должина изнесува 2015 метри. Со пробивањето на овој тунел, сметаме дека сме го завршиле најтешкиот дел од работата на автопатот, чија должина изнесува 57 километри и кој треба да биде пуштен во употреба кон средината на 2021 година – информираа од кинеската компанија „Синохидро“, главниот изведувач на автопатот и единствената компанија ангажирана во пробивањето на тунелите под Пресека, чија работа започна во втората половина од 2014 година. З.А.