КИЧЕВО

Откако по неколку месеци на почетокот на март повторно почнаа со работа поштенските шалтери, забележливо е намаленото присуство на луѓе пред банките, а пред некои помали банки редиците целосно исчезнаа. Полека се олабавува состојбата и повеќе ги нема турканиците пред десетината банкарски експозитури на главната улица во Кичево. Граѓаните се задоволни што можат да здивнат и многу побрзо да ги платат сметките за струја, вода и други давачки.
– Конечно можеме да бидеме спокојни, бидејќи од престанокот со работа на поштенските шалтери, сите бевме принудени плаќањата да ги вршиме единствено во банките. За да дојдеме на ред за наплата, моравме да чекаме со часови, изложени на студ, дожд или ветер. Влегувањето во банка беше како седумка на лото, бидејќи се случуваше да го загубиме и цел ден за да ја завршиме работата. И така, преморени од чекање, честопати едвај собиравме сила да се вратиме дома – вели Славе Д., пензионер.
Слични искуства од повеќемесечното чекање пред банките слушнавме и од многумина постари жители на градот, на кои барем еден ден во месецот главна преокупација им беше чекањето пред банкарските шалтери.
Граѓаните забележуваат дури и дека банките го искористиле притисокот на шалтерите и ги подигнале провизиите, за да можат добро да го наплатат овој зголемен интензитет на работа.

– Откако беа затворени поштенските шалтери, банките го искористија овој период да ги подигнат провизиите на платените сметки и наменски да го наплатат овој притисок што се случува пред нивните шалтери. Сега можеме со сигурност да потврдиме дека одделни банки имаат и двојно повисоки провизии од поштите, што ќе придонесе сметките за струја, вода, данок и друго повторно да ги плаќаме во поштите, бидејќи таму и провизијата е пониска – вели Петар Трајаноски.
За сите граѓани ќе беше поедноставно и без напор да ги платат сметките, ако малку повеќе беа упатени во електронското банкарство и со овој начин на плаќање ќе ги избегнуваа метежите пред банките и ризиците од инфицирање со коронавирусот. Исто така и пензионерите, наместо на шалтер, пензиите можеа да ги добиваат на картичка, што ќе придонесеше да се намалат метежите, апелираа од банките, но тоа потешко одеше со постарите жители на градот.