Иако помина над една деценија откако започна да се користи новата локација за православните гробишта кај Фалише, проблемот со погребувањето во Тетово не е решен. На гробиштата во Тетово веќе одамна нема место, а на новата локација која се користи од 2007 година условите се далеку од некој стандард.

Новата локација е на речиси пет километи од Тетово пред влезот на селото Фалише. Јавен превоз во Тетово нема, па луѓето без возила треба самите да се снаоѓаат за да отидат дотаму. На самата локација освен гробните споменици, ништо друго не асоцира дека станува збор за такво место. Има само импровизирана чешма, контејнер и ограда. Нема ниту една просторија, тоалет, ниту црква која урбанистички е предвидена да постои.

-Многу е тешко да имаш починат роднина во Тетово. Се сочуваш со недостигот на места на старите гробишта, а новите наликуваат на ливада, објаснуваат луѓето кои ги затекнавме во Фалише.

Гробиштата ги раководи јавното комунално претријатие. Одговорниот Гоце Новески вели дека вработените во согласност со финансиските можности и одобренијата на раководството работат на унапредување на условите.

– Планови се тука, се зависи од парите и можноста да се ангажираат работниците. Истите луѓе се на работа на двете места и за погребите и за уредување. Идејата е најбрзо што може да се направи еден простор покриен да биде, да има каде да се засолнат луѓето. Исто така летово би сакале да ги изградиме тоалетите. Ќе треба да се гради и септичка јама, до тука нема канализација-рече Новески.

Тетово е меѓу ретките градови каде што нема капела. Објектот до старите гробишта во градот почна да се гради во октомври 2015-та. Речиси три години подоцна се уште не е готов.

-Доаѓаат работници на еден ден, два најмногу па ги нема да се вратат да работат подолго време. И така објектот стои отворен, само што е покриен. Дел од ѕидовите се малтерисани. Доаѓа лето, ќе биде тешко за семејствата со починати. Тие се принудени да го чуваат починатиот дома додека дојде времето за погреб, а тоа не е пријатно, се создава лоша миризба од скапување на телото-велат тетовци кои живеат во близина на гробиштата.

-Сега има активности во кои се вклучени водоинсталатери и електричари, па се надеваме дека скоро ќе се комплетираат овие работи, рече одговорниот во ЈКП Тетово, Гоце Новески.

Мештаните во близина на старите гробишта го потенцираат и проблемот со постојаното собирање на смет. Местото е прометно па луѓе од разни места низ градот поминувајќи оставаат отпадоци но и градежен шут, кабаст отпад и слично.