ГЕВГЕЛИЈА

„Ѕуница“ е името на првата приватна градинка што се отвори викендов во општината Гевгелија. Брачната двојка Рената Динева и Александар Сламков конечно ја оствари својата долгогодишна желба да создаде пријатно место каде што децата со задоволство ќе одат и ќе уживаат во секој миг поминат таму.
– Љубовта кон децата и желбата за работа со нив, како и поттикот што ни го дадоа нашите сопствени деца, се основниот мотив за отворање на нашата приватна детска градинка – рече Динева на отворањето, кое, поради ситуацијата со пандемијата, се одвиваше скромно и со придржување до сите здравствени протоколи.
Инаку, градинката располага со простор во кој може да згрижи во овој момент на епидемијата 28 деца, од кои во јаслите, кои се за деца до две години, осум дечиња и комбинирана група, за деца од две до шест години, вкупно 20 деца. Градинката располага со свој сопствен парк, кој децата секој сончев ден ќе го користат за активности.

Во градинката „Ѕуница“ се вработени една воспитувачка и три негувателки, кои се грижат децата во оваа градинка да ги добијат најдобрите и најквалитетните услови за развивање на нивниот емоционален, интелектуален и социјален живот. Исхраната ја определува специјален нутриционист, додека работното време е од 6 до 17 часот.
Градинката нуди и целодневен престој, од осум часа, како и полудневен, од четири часа. Доколку родителите покажат интерес, градинката ќе може да работи и во две смени, до 22 часот.
За името „Ѕуница“, Рената и Александар се определиле бидејќи, како што велат, тоа е стар македонски збор, малку подзаборавен, но уникатен и најубаво го отсликува шарениот свет во кој треба да живеат и уживаат децата.

– Да работиш со деца е нешто најчисто, бидејќи тие точно знаат како да го направат животот совршен. Сѐ почна со желба, која најпрво ни изгледаше нереално и недостижно, но сега сме радосни и горди што со голем труд таа желба стана реалност. Затоа, верувајте во вашите соништа и некогаш и вашата ѕуница ќе се појави и сонот што го посакувате ќе се оствари – рече Динева.