Балканските држави се во внимателно исчекување на резултатите од претстојните избори во САД, со голем број прашања поврзани за можна промена во надворешната политика на Америка кон регионот. Извесно е дека секоја балканска држава има свој фаворит, водејќи се според своите национални интереси, односно од очекувањата (ветувањата) од кандидатите за нив. Затоа што политиката на САД и досега силно се чувствуваше на Балканот, победникот на американските избори и неговата политика во наредните четири години сигурно ќе имаат импликации во регионов

Државите на Балканот со свои сметки го очекуваат исходот од американските избори

Исходот од американските претседателски избори ќе има големо значење за Балканот, а односите помеѓу САД и Европската Унија (ЕУ), чии членки посакуваат да станат балканските држави, исто така зависат од прашањето дали ќе победи Доналд Трамп или Џо Бајден.
Токму затоа Балканот внимателно ги очекува резултатите од претстојните избори во САД со голем број прашања поврзани за можна промена во надворешната политика на Америка кон регионот. Извесно е дека сите балкански држави имаат свој фаворит, водејќи се според националните интереси, односно од очекувањата (ветувањата) од двајцата кандидати за државите.

 

„Форин полиси“ открива интересни детали за постапувањето на САД при актуелниот спор помеѓу Македонија и Бугарија

Американскиот магазин „Форин полиси“ наведува дека економската политика на администрацијата на Трамп придонела за значително разместување на односите на Балканот. А во прилог на ваквото тврдење, магазинот „Форин полиси“ го истакнува постапувањето на САД при моменталниот спор помеѓу Македонија и Бугарија.
– Високи претставници на американската власт несвесно ја поттикнаа сојузничката од НАТО, Бугарија, да се закани со воена интервенција против друга сојузничка – Македонија. На 6 октомври американскиот секретар за одбрана, Марк Еспер, се сретна со неговиот бугарски колега Красимир Каракачанов, агресивен националист што има бомбастични тврдења против соседната Македонија. Минатиот месец, под притисок на Владата, Каракачанов го повтори ставот за блокирање на преговорите на Скопје за членство во ЕУ, кои се столб во трансатлантската стратегија за стабилизација на Балканот. Наместо да го притиснат Каракачанов и да побараат одмереност, според соопштението на Министерството за одбрана на САД, бугарскиот министер бил пофален во Вашингтон, додека претставниците на двете држави преговарале за „десетгодишен план за одбранбена соработка и продажбата на осум борбени авиони ’Ф-16‘“ – се истакнува во анализата на „Форин полиси“.

„Не долго потоа Каракачанов го шокира регионот преку отворена закана за испраќање трупи во Македонија. Администрацијата на Трамп не само што не упати сигнал пред испадот туку не кажа многу откако тој се случи. Нема оправдување за молкот на САД“, како што наведува угледниот американски магазин. Земајќи го предвид односот на САД кон Бугарија и нејзините закани упатени кон Македонија, македонскиот политички врв исто така би требало внимателно да го следи исходот на американските претседателски избори.

Какви се калкулациите на Грција, Бугарија, Србија…

На грчката политичка сцена засега не се зборува јавно за изборите, но се смета дека победата на Бајден е „скриена желба“ на Грција, поради блиските односи на Трамп со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, како и неутралниот став на администрацијата на актуелниот американски претседател кон спорот помеѓу Атина и Анкара. Веројатно сличен став има и Бугарија, судејќи според изјавите на поранешната бугарска амбасадорка во САД, Елена Поптодорова, која истакна дека за нејзината држава, како и за ЕУ, претпочитан е изборот на Бајден, бидејќи тој би „барал заеднички интерес со сојузниците“, како што објави неодамна „Еурактив“. Се чини дека Србија, пак, го претпочита Трамп, бидејќи јавноста ја поврзува Демократската партија на САД со бомбардирањето на СР Југославија во 1999 година. Тамошните провладини аналитичари веруваат дека победата на Трамп би била подобра опција за Србија поради договорот за нормализација на економските односи со Косово, потпишан неодамна во Вашингтон. Западен Балкан е стратегиски важен за ЕУ. Тоа е последниот регион во Европа што не е дел од Унијата, иако е интегриран во економските текови преку спогодбите за слободна трговија и постепеното приспособување кон стандардите на ЕУ.

Се смета дека ваквата состојба го остава регионот подложен на надворешни влијанија, со што интересите на Кина, Русија, Турција и на државите од Персискиот Залив, моментално се испреплетени на Балканот, како што пишува „Еурактив“, анализирајќи ја тековната ситуација. А странските сили вплеткани на Балканот имаат различни интереси – политички од дестабилизирачка природа, економски, како и цели за враќање на некогашната геополитичка моќ. Победникот на американските избори и неговата политика во наредните четири години сигурно ќе бидат почувствувани на Балканот. Улогата на Вашингтон, сепак, нема да се сведе на поголеми инвестиции во однос на ЕУ и на некоординирани проекти во регионот, туку во давање глас на авторитет, со што ќе осигури дека Брисел нема да застрани од задачата за решавање на тековните политички спорови. По рецептот на Вашингтон, се разбира. С.Н.М.