ГЕВГЕЛИЈА

Одржувањето на уличното осветлување редовно се спроведува како во градот, така и во сите населени места во општината, како и во планинските туристички места: Конско, Хума, Серменин и Смрдлива Вода. Со ваквиот начин на работење, ефикасноста е значително зголемена и во моментов уличното осветлување во целата општина е во добра состојба, констатира Советот на Општина Гевгелија на последната седница, по расправата за состојбата со јавното улично осветлување.
Според информацијата на одделението за комунални работи и локални патишта на Општина Гевгелија, кое ја следи состојбата со уличното осветлување и навремено презема мерки за подобрување на состојбата, контролата на уличното осветлување се врши двапати неделно. По направениот увид, се врши замена на прегорените светилки, а дефектите на јавното осветлување при навремена пријава се отстрануваат веднаш. Се постапува и по поединечни барања на граѓани што писмено или усно се обраќаат до општинската администрација или преку системот 48.
Покрај отстранувањето на дефектите, се врши и замена на натриумовите со нови лед-арматури, така што досега се поставени 470 лед-светилки, од кои 368 оваа година. Со поставувањето на новите лед-светилки се добива подобро осветлување, голема заштеда на електрична енергија, како значително намалување на трошоците за нивно одржување. На булеварот Гевгелија, од кружниот тек со улицата М. Пецанов, заменети се сите натриумови арматури од 250 вати и поставени нови лед-арматури од 150 вати. Исто така, старите арматури беа заменети со нови стоватни лед-светилки на ул. М. Тито, од касарната до железничка станица, на улицата Железничка (од ул. Илинденска до ул. С.М. Данко), на улицата 7 Ноември (од „Винојуг“ до стариот пазар), како и на улицата Г.П. одреди. Сто и педесетватни нови лед-арматури беа поставени и на улиците С.М. Данко и Радован Ковачевиќ.