Кичево

И во време на светска глобална криза, која ја создаде ковид-19, во општината Кичево ќе бидат вложени над еден милион евра во два капитални проекти. Првиот проект е реконструкција на Китино кале, за што ќе бидат потрошени близу 700.000 евра, од кои 10 проценти општински пари и целосна реконструкција на една од клучните сообраќајници во градот, улицата Борис Кидрич, за кој зафат ќе бидат потрошени 400.000 евра.
– И покрај економската криза што го тресе светот, па и нашата земја, Општина Кичево продолжува со капитални проекти, од кои два треба да завршат годинава. Тие ќе чинат над еден милион евра, а се работи за реконструкција на Китино кале и целосна реконструкција на улицата Борис Кидрич, една од клучните сообраќајници во нашиот град, на која интензитетот на сообраќај секогаш е висок. За реконструкција на оваа улица ќе бидат потрошени 400.000 евра, средства обезбедени од Европската банка за обнова и развој – рече Бурим Кадриу, задолжен за финансирање и буџет во Општина Кичево, кој најави скорешен почеток на реконструкцијата на оваа улица и ги истакна сите активности што ќе се случуваат за време на нејзината целосна обнова.

Во рамките на реконструкцијата на оваа важна сообраќајница во Кичево ќе се отстранат и привремените објекти пред општинската зграда и во близината на ОУ „Кузман Јосифовски-Питу“, каде што ќе се добијат и повеќе паркинг-места.
– Со овој зафат улицата Борис Кидрич ќе добие нов непрепознатлив и поубав лик. По целата нејзина должина ќе бидат поставени нови рабници и тротоари со бекатон-плочки, ќе се постави нов асфалт по целата нејзина должина од околу еден километар. Исто така ќе биде поставена нова атмосферска канализација, а ќе биде и квалитетно осветлена од двете страни, со нови лед светилки. Се очекува до средината на есента улицата Борис Кидрич да биде целосно завршена, со што инфраструктурата во Кичево ќе биде речиси комплетно обновена на клучните сообраќајници, а една од нив е секако и улицата Борис Кидрич, југозападен влез на Кичево – додаде Кадриу.

Во изминатите години целосно беа реконструирани улицата Маршал Тито, булеварот Ослободување, 11 септември, Санде Штерјоски, потоа Магистралниот пат и сега Борис Кидрич, по што Кичево ќе може да се пофали со беспрекорна сообраќајна мрежа, збогатена со повеќе кружни текови.