КАРПОШ

Медицинската сестра Јорда Манасиеска, од Одделот за респираторни инфективни болести во состав на ЈЗУ Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, е прогласена за заслужен граѓанин на Општина Карпош за 2020 година.
Оваа година, локалната самоуправа номинираше личност што навидум е анонимна за пошироката јавност, но Јорда е на фронтот за борба против ковид-19 уште од самиот почеток на пандемијата. Таа е една од многуте здравствени работници, кои се жртвуваат за јавното здравје и колективитетот.
– Родена е на 16 април 1962 година, во Битуше, Општина Маврово – Ростуша, а многу години е жителка на населбата Карпош 1. Дипломира на Високата медицинска школа на Медицинскиот факултет во Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, каде што добива звање – дипломирана медицинска сестра. Професионалната кариера ја започнува во 1982 година, на Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, каде што непрекинато работи 38 години.

Од 2007 година е назначена за одделенска сестра на Одделот за респираторни инфекции и исипни болести. Преку номинацијата на Јорда, се заблагодаруваме до целиот медицински персонал: доктори, медицински сестри, болничари, хигиеничари, сите „дискретни“ херои што изминативе месеци ревносно и беспоштедно спасуваат човечки животи – велат во Општината.
Наградата на одделенската медицинска сестра Јорда Манасиеска беше врачена вчера, на Денот на Општина Карпош.
Локалната самоуправа ги повикува сите граѓани да ги почитуваат заштитните мерки: да се носат маски на отворен и затворен простор, да се држи растојание и често да се прави дезинфекција.
– Само на овој начин си помагаме себеси, на нашите блиски, но се грижиме и за здравствениот систем и целиот персонал – додаваат оттаму.