Жители на село Враништа, кое се наоѓа на пет километри од Струга, цел викенд протестираа со барање во селото да се постави нова водоводна мрежа, а за првпат да имаат и канализациска мрежа. Тие со транспаренти порачаа дека кога има дожд се излеваат нивните јами, па настануваат фекални поплави. Се жалат дека непонослива смрдеа се шири насекаде, поради што се отвора можноста да се шират и заразни болести. Барањата за канализација и водовод ги упатија до Општината Струга и Министерството за транспорт и врски.

– Цели 30 години жителите на село Враништа се соочуваат со голем проблем. Граѓаните се принудени да градат и нови септички јами, чие траење е неколку години. Таквите јами се излеваат низ селските канали и дворови. Од нив има непријатен мирис. Тоа го прави селото неадекватно место за живеење. И покрај ветувањата од властите, жителите на Враништа останаа без канализација. На само 50 метри од Враништа е колекторот кој ги канализира отпадните води низ цел Струшки Регион. При изградбата на колекторот во 70-години, земјиштето припаѓало на Враништа. Жителите на Враништа плаќале и пари за изградба на канализација, за што имаме и докази. Во однос на водоводната мрежа, ќе истакнам дека цевките се веќе стари и мора да се променат. Притисокот на водата, особено во лето, е мал. Тоа е проблем кој мора да се земе предвид – посочи жител на селото, обраќајќи се до градоначалникот Рамиз Мерко и институциите.

– Инсталација на целосна водоводна мрежа“, „Заштита на животната средина“, „Социјален живот, пешачки и велосипедски патеки“, „21 век без канализација“, „Протест против никого, заедно за интересите на село Враништа – беа дел од транспарентите.

Засега, нема реакција на нивните барања. Жителите најавуваат дека протестите ќе продолжат ако за 15 работни денови, Струга и Министерството за траснпорт и врски не се изјаснат по нивните барања. Тие посочија дека бараат да не се ризикува нивното здравје.

– Се протестира за добивање нова канализациска мрежа и нова водоводна мрежа. Сме се обратиле до Министерството за транспорт и врски и Општина Струга. Граѓани на Враништа, со нерешавање на овој проблем се соочуваат со неопислива смрдеа поради што се принудени да ги оставаат своите септички јами по нивните дворови и селските канали, а се ризикува да се шират многу заразни болести. Апелот до надлежните е што побрзо да ги чујат нашите барања на канализациска и водоводна мрежа и да одговорат што побрзо. Доколку не одговорат на нашето барање во рок од 15 работни дена, ние како месна заедница и цело население на Враништа ќе продолжиме што поригорозно да настапиме и да го блокираме патот. Да не се воведеме во ситуација да го блокираме и колекторот, па така да се блокира и цела општина – велат жителите на протестот.