ОХРИД

Градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески, претпладнево беше во посета на територијалната противпожарна единица во Охрид. На средбата со охридските пожарникари и командирот Спасе Прентовски, градоначалникот се информира за подготвеноста на службата, како и за превентивните мерки и активности што треба да се преземат за да се спречат пожари од поголеми размери во Охридскиот Регион.
На средбата беше разговарано и за подобрување на условите за работа на пожарникарите, набавка на дополнителна опрема и возила. Исто така, се разговараше за потребата од дополнителна опрема за товарното противпожарно возило од марката „ивеко-магирус“, кое Општина Охрид го обезбеди преку донација во 2019 година – информираат од Општината.
Охридската противпожарна служба, од почетокот на оваа година до денес реализирала над 180 успешни интервенции на територијата на Охридскиот Регион.