Скромно, по 15-ти пат, Прилеп денеска го одбележа патрониот празник Св. Никола, заштитникот на сиромашните, морепловците, болните, децата. Поради пандемијата се беше во скратена форма, за да се одржи традицијата.
Утрото во црквата „Свето Благовештение“ се одржа празничната литургија, а потоа и параклисот во центарот на градот.
Годинашниот домаќин Тони Тарунџиоски и фирмата „Футура“ поделија пакети со посни сармички, грав и риба.
Градот, во кој секој втор ја слави славата Св. Никола, повторно ја продолжи традицијата. Идни домаќини ќе бидат газдите на фирмата „Теракота“, кои, како и претходниот домаќин, на прилепчани им посакаа многу здравје, радост.
Градоначалник на Прилеп, Борче Јовчески, рече дека традициите се дел од нашиот идентитет, а прилепчани знаат да ги негуваат.
– Прилеп ќе ги чува и ќе ги негува локалните традиции, како и духовноста. Обновувајќи го Прилеп, како препознатлива дестинација за секој турист, гостин, добронамерник, сакаме да нѐ посетат и да го доживеат духот на вековното традиционално наследство – рече Јовчески.


Владиката Петар, истакна дека во овие тешки времиња ни е потребна духовна преобразба.
– Таа духовна преобразба, според делата на големиот Свети Николај кој делел на сиромашни, гладни, на вдовици, на деца, ги заштитувал морепловците, не само што ќе не обнови духовно, но и во сите полиња на живеењето – рече владиката Петар.
И годинава за посната трпеза се погрижија членките од здружението „Преродба“. Тие беа дел и од настанот кога Прилеп влезе во Гинисовата книга на рекорди.

Ка.М.