ГЕВГЕЛИЈА

По повод почетокот на новата учебна година и првиот училиштен ден, градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, заедно со претставник од општинската администрација при Одделението за образование, беше во посета на ООУ „Владо Кантарџиев“ – Гевгелија, каде што приемот на првачињата и на преостанатите ученици се одвиваше во согласност со протоколите за организирање настава за време на пандемија.

Во дворот на училиштето, тој се обрати кон првачињата, посакувајќи им успешен и лесен почеток и среќно поминати дни во училиште со своите нови другарчиња и наставници. Исто така, на сите наставници, вработени и ученици од сите основни училишта во Општина Гевгелија и Средното општинско училиште им го честита почетокот на новата учебна година, посакувајќи им да ја реализираат и следат во добро здравје, остварувајќи голем број успеси на секое поле од воспитно-образовниот процес.
За сите 236 првачиња во четирите гевгелиски основни училишта, Поцков обезбеди подароци со училиштен прибор, кои наставниците им ги поделија на првачињата во училниците. Градоначалникот ја изрази својата благодарност и до Халк банка, која исто така обезбеди подароци со училиштен прибор за гевгелиските првачиња. Но и благодарност до сите директори за преземените активности во училиштата за заштита на здравјето и безбедноста за време на пандемијата.
На првиот училиштен ден, во сите основни училишта, пречекувајќи ги првачињата и преостанатите ученици од погорните одделенија, по однапред утврдениот распоред за влез во училниците, се обратија и директорите со честитка за новата учебна година. Во средното општинско училиште „Јосиф Јосифовски“, честитката и обраќањето на директорот професорите и учениците ги слушаа на разглас.

Првиот училиштен ден во гевгелиските училишта помина без никакви проблеми, со доследно почитување и спроведување на протоколите. За таа цел, беа ставени во функција сите влезови на училишните објекти, се почитуваа носењето заштитна опрема и пропишаното растојание за физичка дистанца. А им се мереше температура на секој вработен и ученик. Пред почетокот, училиштата ги обезбедија сите услови за основна хигиена, а беа извршени и дезинфекција, дезинсекција и дератизација во просториите на образовните институции.