Денеска се одржа седница на Централниот одбор на СДСМ, онлајн, преку дигитална платформа. Членовите на Централниот одбор дискутираа за повеќе актуелни теми и се донесоа повеќе одлуки и заклучоци.
– Беше оценето дека скрининг процесот во рамки на преговорите со ЕУ се одвива добро и наскоро ќе финишира успешно. Владата предводена од СДСМ, заедно со коалициските партии останува посветена на реформите потребни за продолжување на европскиот пат на земјата и остварување на стратешката цел, членство во ЕУ. Европската интеграција на земјата треба да биде обврска на секоја политичка партија. Затоа сите релевантни парламентарни партии и сите пратеници коишто иднината на земјата ја гледаат како полноправна земја членка на ЕУ треба да ги поддржат уставните измени. Во наредните 2 недели, амандманите на Уставот ќе бидат разгледани од страна на Владата и јавно објавени. Потоа што ќе бидат доставени до Собранието по што ќе следи и процес на дискусија согласно собраниската процедура – велат од СДСМ.
Тие додаваат: „По спроведените економски мерки како одговор на глобалната економска и енергетска криза, македонската економија продолжува да расте во позитива, економската активност се зголемува, инфлацијата бележи константно намалување со месеци и веќе е сведена на едноцифрени 9%. Ова се охрабрувачки податоци и потврда за успешност на економските политики на Владата предводена од СДСМ и Димитар Ковачевски. До крајот на годината очекуваме овој тренд да продолжи, економијата да продолжи да расте, да остане трендот на зголемување на инвестициите, новите работни места и платите. СДСМ го реафирмираше ставот на партијата даден пред граѓаните на Босилово, Василево и Ново Село, во однос на постапката за отворање на рудник во Иловица, започната од Владата на Никола Груевски и ДПМНЕ, во време кога Мицкоски беше негов советник. Без консултација и одобрение од граѓаните, од локалното население, без запазување на целата постапка и без исполнување на сите стандарди за животна средина согласно постојното законодавство, усогласено со европското, нема да се даде дозвола за отворање на рудник“.
Оттука, ставот на СДСМ е дека само граѓаните на југо-источниот плански регион, во општините Струмица, Босилово, Василево и Ново Село, можат да одлучат и треба на референдум да се произнесат за ова важно прашање.
– Заштитата на животната средна, здравјето на луѓето и развојот на земјоделието се приоритети на СДСМ. По предлог на генералниот секретар Миле Зечевиќ Вардарски, за нов Организациски секретар на партијата членовите на ЦО едногласно го избра Митко Трајчулески. Трајчулески е Магистер по меѓународна политика и дипломатија, има 43 години, член е на СДСМ од 1996 година и има долгогодишно работно, професионално и партиско искуство. Претседател е на партиската Комисија за транспорт и врски на СДСМ. Моментално ја извршува функцијата Државен секретар во Министерството за транспорт и врски, бил поранешен Шеф на Кабинет во министерството, за време на професионална кариера работел во Секретаријатот за Европски прашања во Сектор за подготовка на националната верзија на правото на ЕУ. Централниот одбор и раководството на партијата му се заблагодари на досегашниот организациски секретар, Вангел Андрески, за досегашниот ангажман и даден придонес. Изборот на нов Организациски секретар на СДСМ доаѓа откако Андрески поднесе оставка на оваа позиција поради нов професионален ангажман во ново основаното општинското претпријатие, ДОЕЕЛ Енергија Центар – додаваат од СДСМ.