Ќе се формира работна група за катната гаража спроти Собранието за да се најде трајно и стратешко решение, соопштија денеска од Собранието.
Во соопштението од прес-службата се наведува дека во Собранието се одржала средба на претставници на државните институции во врска со катната гаража.
– Денес, во Собранието за првпат се одржа средба помеѓу претставници на државни институции кои разговараа за долгогодишното прашање за катната гаража пред Собранието. Иако Собранието нема директни надлежности во градежниот процес, презеде иницијатива во водењето на дискусиите за решавање на ова прашање – се наведува во соопштението.
На средбата присуствувале претставници од Собранието, Владата, oпштина Центар, Државниот правобранител, Бирото за јавна безбедност (БЈБ), АНГО ДООЕЛ и Министерството за транспорт.
– Сите страни постигнаа договор за формирање работна група, со цел да се најде трајно и стратешко решение. Оваа средба имаше за цел да обезбеди комуникација и да се обезбедат сите информации и состојби, со намера да се најде трајно решение кое ќе биде од корист и за јавноста и за Собранието. Ова прашање е од големо значење за Собранието и ние сме посветени да обезбедиме ефикасно решавање – се наведува во соопштението од Собранието.