Фото: МЗ

Пациентот кај кој минатиот месец беше направена првата трансплантација на црн дроб од починат донатор, денеска заминува од Клиниката за дигестивна хирургија. Како што информираше на денешната прес-конференција директорот на Клиниката, проф. д-р Зоран Караџов, пациентот е во добра состојба, со здрав орган и нова шанса за живот.

– Морам да признам дека не беше лесно да се дојде до ова. Работевме многу, вложивме многу и еве успеавме сите заедно да отвориме едно ново поглавје не само во полето на дигестивната хирургија туку и во македонското здравство. Горд сум на мојот тим лекари и медицински сестри, како и на соработката која ја имавме со останатите тимови вклучени во трансплантацијата, на соработката со националниот координатор за трансплантација и со Министерството за здравство – истакна Караџов и изрази благодарност до семејството на донаторот, додавајќи дека без нивната хуманост немаше да имаат здрав пациент и да го направат овој успех во здравството.

Проф. д-р Светозар Антовиќ, шеф на Катедрата по хирургија при УКИМ, кој е дел од тимот кој ја изврши првата трансплантација, вели дека двонеделниот престој во Центарот за трансплантација во КБЦ „Меркур“ во Загреб и соработката со тимот на Клиниката за дигестивна хирургија и со сите останати тимови, амбицијата и желбата да се влезе во оваа приказна и да се биде дел од Програмата за трансплантација е тоа што ги водело кон овој успех.

Фото: МЗ

Националната координаторка за транспланатција на органи и ткива, д-р Маја Мојсова Мијовска изјави дека за неа нема посреќен момент од тој кога пациентот ќе си оди дома.

– Тогаш сите ја гледаат смислата на органодарителството. Повторно би сакала да се заблагодарам на сите досегашни семејства кои донирале и успеале да спасат живот, истакна Мојсова Мијовска.

Министерот за здравство Беким Сали вели дека ова е историски чекор за македонското здравство.

– Честитки до целиот тим кој учествуваше во оваа најкомплексна хируршка интервенција и благодарение на врвниот стручен придонес на комплетниот тим – 60-годишниот пациент денес си заминува дома во добра здравствена состојба, истакна Сали.

Ова е шеста трансплантација од починат донатор од почетокот на годината и прва на црн дроб во историјата на македонското здравство. Заедничката и тимска работа на преку 100 лекари, медицински сестри и админстративен персонал, резултираше, годинава, да се трансплантираат десет бубрега од починат донатор, две срца кај тешки пациенти и извршени десет инплантации на коскени ткива. За последниве две години тоа се вкупно осум срца, 30 бубрези, 20 коскени ткива и првиот црн дроб.

Во тимот кој ја направи првата трансплантација покрај проф. д-р Зоран Караџов и проф. д-р Светозар Антовиќ учествуваа и науч. сор. д-р Љубомир Огњеновиќ, асс. д-р Ќемаљ Рушити од Клиниката за дигестивна хирургија, како и нивните колеги лекари, клиничкиот фармацевт и медицинските сестри. Тимот анестезиолози од КАРИЛ, кои го водеа реципиентот, предводени од прим. д-р Татјана Спировска. Потоа екипите од Клиниката за гастроентерохепатологија, предводени од проф. д-р Бети Тодоровска, науч. сор. д-р Елена Цуракова Ристевска, кои го подготвија донаторот, екипите од Клиниката за урологија, Клиниката за нефрологија, Клиниката за трансфузиологија, болничките координатори, кои го процесираат пациентот во мозочна смрт, предводени од доц. д-р Маја Мојсова Мијовска, д-р Билјана Андоновска, како и медицинските сестри, инструментарки, вработените во лабораториите и сите вклучени.