Прогласена кризна состојба во Општина Делчево, информираа од Општината. Оттаму велат дека одлуката е донесена на денешната седница на Владата, а причината за прогласувањето кризна состојба е заради поплави и справување со поплавите и последиците од нив.
– Во Општина Делчево како последица од невремето настанаа оштетувања на патната инфраструктура и неколку поголеми свлечишта чијашто санација бара долгорочни решенија за кои е потребна државна помош – истакнаа од Општина Делчево.
Претходно општинските служби доставија информации до Владата, а по прогласувањето на криза состојба, се очекува и потребната помош. Освен во Делчево кризна состојба од истите причини е прогласена и во Општина Крива Паланка.
– Државни претпријатија се вклучуваат во поддршка на општините Делчево и Крива Паланка за справување со последиците од поплавите – одлучи Владата на денешната седница.
Целта е, како што е посочено во соопштението, јавните државни претпријатија, пред сѐ Јавното препријатие за државни патишта на Македонија и Јавното претпријатие за одржување на магистралните и регионалните патишта да се вклучат со помош на општините во мерките и активностите за санација на последиците од поплавите.