Фото: Институт за класични студии

Ана Анастасијади-Симеониди, почесна професорка од Универзитетот „Аристотелис“ во Солун, по специјалност лингвист која своето образование го комплетирала на „Сорбона“ во Франција, вчера одржа предавање пред колегите од Филозофскиот и Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Предавањето на светски реномираната професорка, авторка на бројни трудови од областа, беше насловено „ДРВО и ПЛОД – Теорија-Трансвременоста-Настава“.
Во рамки на посетата, проф. Анастасијади-Симеониди ја збогати библиотеката на Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет со подарок книги.
Професорката по лингвистика на Одделот за филологија на Универзитетот „Аристотел“ завршила магистерски студии на Универзитетот „Париз 3“ и докторски студии на Универзитетот во Атина. Учествувала во постдипломски студии за теоретска и применета лингвистика на различни француски универзитети во областите лексикологија, лексикографија, компјутерска лингвистика и морфологија. Од 1991 до 2012 година била координатор на Еразмус проекти со седум европски универзитети. Таа предавала како визитинг-професор на многу европски универзитети, како „Сорбона“- Париз 4, ИНАЛКО во Париз и на Универзитетот во Кипар. Била член на Сенатот на „Аристотел“ во Солун од 2009 до 2011 година, како и член на Грчката агенција за осигурување на квалитетот во високото образование. Нејзини главни области на интерес се проучувањето на грчката лексика и речникот, приредување на печатени и електронски речници, неологизми, заемки, зборообразување (деривација и сложенки), повеќезборовни единици, терминологија, учење на правопис и зборови. Таа е автор на 10 книги. Исто така напишала преку 200 статии објавени во различни списанија и зборници ширум светот.
Проф. д-р Анастасијади-Симеониди доаѓа во рамки на соработката за промовирање на грчкиот јазик и култура на академско ниво, поддржано од Амбасадата на Грција во земјава.

Фото: Институт за класични студии
Фото: Институт за класични студии
Фото: Институт за класични студии