Фото: МИА

Поранешната директорка на Државен санитарен и здравствен инспекторат Ирина Сотирова-Бухова преку пишан допис до медиумите реагира на предлог заклучоците за нејзина политичка одговорност на собраниската Анкетна комисија за случајот со Клиниката за онкологија.

– ДЗСИ нема никаква законска надлежност во делот на препишување на терапија, распоредување на терапија и контрола над начинот на кој се аплицира терапијата. Во прилог на ова говорат и законските надлежности на инспекторите од ДЗСИ, од каде е јасно дека инспекторатот не е органот кој е надлежен за преземање на активности и проверки во конкретниот случај. Дополнително во рамки на инспекторатот додека јас сум била директор немало никаква пријава и инспекторатот немал никакви сознанија за евентуални неправилности, за да реагира и ги проследи сознанијата до надлежните институции – наведува Сотирова-Бухова.

Според неа, предлог заклучоците се неиздржани и се одраз на политички реваншизам.

– Како здравствен работник јас ја подржувам работата како на анкетната комисија така и на секој орган кој би придонел до расчистување на сите околности за овој случај, но не можам да останам нема на злоупотребата на овој процес за нелегитимно собирање политички поени и неоснована политичка дискредитација, стои во реакцијата на на Ирина Сотирова-Бухова.


Мизрахи: Заклучоците кои ги прочитав пред Анкетната комисија немаат политички наратив

Заклучоците кои ги прочитав пред Анкетната комисија немаат политички наратив, во нив нема ниту еден политички збор, беа доставени до сите медиуми, а се однесуваат на одговорности, односно посочуваат лица коишто ги занемариле законот или пак законите во своето функционирање. Ова денеска го истакна пратеничката Рашела Мизрахи, претседателка на собраниската Анкетна комисија за скандалот со Клиниката за онкологија.

– Дополнително, решив да се зборува за оние лица коишто биле актуелни функционери во текот на 2021 година во здравствениот систем, не навлегувајќи во останатите години заради тоа што и самиот мандат, што го имаме од 2020 година, сите ние како пратеници, како и поради тоа што како темелен документ се носи извештајот од Државниот завод за ревизија – рече Мизрахи.

Од друга страна, таа смета дека предлог заклучоците од мнозинството се многу општи.

-Тие беа исто така доставени до јавноста, прочитани на прес-конференција. Не укажуваат на политичка одговорност на одредени лица и го занемаруваат фактот за што е настаната Анкетната. На моја голема жал, сметам дека мнозинството реши да застане во одбрана на политички функционери, во одбрана на политиката, над здравјето и животот на граѓаните, пациентите на Онкологија. Ги стави политичарите над прашањето на заштита на здравствениот систем во нашата држава. Нашите заклучоци толку дивергираат во својот наратив, што се речиси неспојливи. Непоимливи еден со друг – рече Мизрахи.

Таа кажа оти видела дека во системот има чинители коишто ја играле улогата на „ништо не слушнав, ништо не видов и ништо не кажав, а за тоа, цената ја платиле граѓаните, пациентите, како и нивните семејства“.

-Без разлика на барањето за моја оставка и кои ќе бидат заклучоците понатаму, нема никогаш да се приклучам на ставот дека не сум видела, не сум чула или нема да кажам нешто. Напротив, јас ќе стојам заедно со вистината пред моите сограѓани, коишто се пациенти и нивните семејства на оваа клиника, нема да правам никаков политички пазар или компромис со вистината. Без разлика на последиците од тоа – додаде Мизрахи.

Таа не можеше да каже дали ќе има уште една седница на Анкетната, бидејќи до 3 декември треба да се донесе заеднички став на Комисијата.

– Јас би почекала да видам што ќе се случи со барањето за оставка, доставено од мнозинството. Се чини дека има некој обид претседателката на Анкетната комисија да биде виновна, а не оние коишто биле реалните виновници во здравствениот систем, кои овозможиле да настане хаварија и ужасна трагедија на Онкологија, така што, да видиме каков ќе биде расплетот на оваа ситуација понатаму – одговори пратеничката.

Таа потсети дека членовите на Комисијата работеле многу интензивно и саботи и недели со две до три седници во текот на неделите. На распитот беа свикани 63 сведоци, присуствуваа педесет и еден.

-Јас лично поминав и денови и ноќи во читање материјали, така што, немаше никаква опструкција во работата на Анкетната комисија – подвлече Мизрахи.


СДСМ бара Мизрахи да закаже седница на Анкетната комисија

Пратеничката од СДСМ Даниела Маркоска денеска на прес-конференција изјави дека претседателката на Анкетната комисија за онкологија, Рашела Мизрахи, нема закажано седница на која треба да се разгледаат заклучоците од работата на комисијата.

– Срамна и неодговорна е злоупотребата на Анкетната комисија за случајот Онкологија од страна на ДПМНЕ и претседателката Рашела Мизрахи. ДПМНЕ и Мизрахи покажаа дека нивната цел со комисијата воопшто не била вистината, не биле пациентите, немале намера воопшто нешто да преземат – рече Маркоска.

Според неа, тие политички ја злоупотребуваат комисијата за ширење на невистини и манипулација на граѓаните.

– Јавноста и ние пратениците се сомневаме дека намерата на ДПМНЕ е да ја опструира истрагата на надлежните институции и да ја попречува. А тоа се потврдува. Во текот на вчерашниот ден Мизрахи и ДПМНЕ направија преседан во македонското Собрание. Заклучоци напишани во Белата палата, без ниту еден доказ и основа, беа прочитани и од посочените, комисијата прекината. Без притоа воопшто и да се направи обид да се дојде до заеднички заклучоци, усогласени од членовите на Анкетната комисија – подвлече Маркоска.

Таа истакна дека ваков скандалозен однос кон случајот, кон комисијата и кон пациентите е недозволив.

– Ние се спротивставивме за оваа злоупотреба, за овој преседан по што пратениците на ДПМНЕ, виде јавноста, цел ден бегаа од седницата. Еве истото се случува и денеска. Сомнително е и тоа што единствено Милан Ристевски не беше пред анектната комисија, но за ова дополнително ќе се информираме – рече таа.

Маркоска нагласи дека во името на пациентите на Онкологија, во името на вистината и правдата, Мизрахи треба да си даде оставка.

Таа додаде дека случајот Онкологија после 30 години го отворија институции во време на СДСМ и без разлика на ваквото однесување на ВМРО – ДПМНЕ, одговорност за сите ќе биде утврдена.