Илустрација / Фото: Маја Јаневска Илиева

Почеток на воспоставување нов стандард во парламентарниот живот, а не завршување на еден процес е усвојувањето на Кодексот за етичко однесување на пратениците, рече претседателот на Собранието, Африм Гаши, на промоцијата на документот кој претходно беше донесен од пратениците.

Пред пратениците и претставници на меѓународната заедница, Гаши истакна дека долговечноста на демократијата ја гарантираат меѓусебната почит, одговорноста и свеста дека пратеничкиот мандат не е привилегија, туку доверба што ја даваат граѓаните. Порача дека кодексот не смее да остане архивски материјал, туку да се прифати како заедничка обврска.

– Овој Кодекс, пред сè, претставува морален договор што пратениците го склучуваат меѓу себе и со граѓаните што ги претставуваат. Јавниот интерес секогаш да биде над личниот интерес; политичката дебата да се води врз основа на аргументи, а не на навреди; политичките разлики да не се претвораат во лични непријателства; а достоинството на Собранието секојдневно да се штити со одговорност и посветеност. Како претседател на Собранието и како предлагач, усвојувањето на овој Кодекс го сметам за една од најзначајните заложби на овој мандат. Не затоа што има цел да го реши секој проблем, туку затоа што верувам дека секоја трајна промена започнува со одлуката да се промениме самите себеси во културата на дејствување и комуникација – нагласи Гаши, задоволен што документот не произлегол како наметнато решение, туку како резултат на дијалог.

Како што рече, тој е плод на долг процес на консултации, дискусии и подготвеност за меѓусебно сослушување, изработен преку инклузивен пристап, со учество на сите пратенички групи и усвоен со консензус, што, според него, му дава на Кодексот посебен легитимитет и тежина.

Додаде дека овој процес покажал дека е можно да се изгради меѓусебно разбирање кога станува збор за достоинството на институцијата и интересот на државата и ги повика пратениците Кодексот да го сфатат како постојана институционална, политичка и морална одговорност.

Гаши им се заблагодари на меѓународните партнери вклучени во процесот – Швајцарската програма за парламентарна поддршка, Амбасадата на Швајцарија, Националниот демократски институт – НДИ и ОБСЕ, чија поддршка, експертиза и олеснување на дијалогот, како што рече, „претставуваа драгоцен и суштински придонес овој процес да се одвива во согласност со најдобрите демократски стандарди и практики“. Гаши и се заблагодари и на Службата на Собранието, која, како што рече, со својот професионален ангажман и посветеност значајно придонесе во секоја фаза од процесот на подготовка на Кодексот.