Делегација на Владата на Македонија предводена од министерката за одбрана Славјанка Петровска, во придружба на советникот за одбрана на претседателот на Владата, Драган Василевски, денеска, во касарната „Илинден“ и во село Љубанци оддаде почит и положи цвеќе на спомен обележјата поставени во чест на осумтемина припадници на резервниот состав на Армијата, загинати кај месноста Љуботенски бачила, кога во 2001 година за време на вооружениот конфликт, армиско товарно возило нагази на две противтенковски мини.
Во име на Владата, советникот Василевски оддаде почит и положи цвеќе и во Ѓорче Петров и с. Волково, во знак на сеќавање на загинатите бранители, Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски.
Денеска, кога се одбележува 21-годишнината од нивното загинување, венци цвеќе положија и почит оддадоа повеќе високи делегации, меѓу кои припадници на Армијата и полицијата, претставници на бранителите и блиски и членови на семејствата.