Фото: Игор Бансколиев

Последните случаи на скокање во Вардар ја вознемирија јавноста

Последните случаи на обиди за самоубиство со скокање во реката Вардар ја вознемирија јавноста.
Првично маж се фрлил во реката од мостот „Близнак“ на булеварот Србија, по што неговото тело беше пронајдено следниот ден од надлежните, а ден потоа маж скокнал во Вардар од скалите под Камениот мост, по што бил спасен со навремена интервенција на полицијата и на противпожарната бригада.
– При ваквите инциденти станува збор за комплексна и осетлива тематика, која зависи од повеќе фактори, со што треба да ѝ се пристапи со големо внимание, а целта е да се издигне свесноста за помагање на лицата што се соочуваат со овој проблем, пред да се решат за крајниот чекор – вели психологот д-р Мирјана Јовановска-Стојановска.
Таа во изјава за „Нова Македонија“ истакна дека е потребно внимателно да се согледаат сите околности во истрагата за да се даде видување за случаите.
– Можно е да станува збор за случајност, а може едниот случај да биде поттикнат од другиот, да се добие идеја. Но може и да станува збор за лице што веќе има такви намери. За да знаеме што точно се случило, мора да се согледаат сите околности во истрагата за случаите, да се види дали лицата лежеле во болница, какви биле околностите во семејството, блиската околина, дали имале некаква болест, анксиозни растројства или животни промени и загуби што довеле до длабоко страдање, за кое тие сметале дека не можат да најдат решение и да видат излез. Неблагодарно е да се коментираат овие случаи, бидејќи би можеле повторно да ги погодат блиските и семејствата на овие лица. Затоа е потребно да се внимава и како се известува во медиумите за оваа тематика – објаснува д-р Јовановска-Стојановска.
Таа ја нагласува потребата за посветување поголемо внимание на оваа тематика за да се даде помош.
– Секој живот е вреден. Загубата на секој живот претставува загуба за сите, за целото општество, и ја потресува јавноста. Токму затоа е потребна поголема свесност во јавноста, посветување поголемо внимание, и од блиските и од околината, за луѓето да знаат дека секогаш имаат каде да се обратат за помош – заклучува д-р Јовановска-Стојановска. М.Ж.