Во говорите на Силјановска и на Мицкоски немаше триумфализам, туку најава за помирување и заедничко решавање на работите што се од интерес на државата. Може ли тоа да биде образецот за намалување на јазот и длабоката општествена поделба врз политичка основа? Колку тоа реално може да биде обединувачки импулс во интерес на нацијата и државата?

Првите пораки на победниците на претседателските и на парламентарните избори: Не е време за триумфализам и поделби

Во првичните пораки на победниците на изборите (претседателски и парламентарни) што се одржаа на 8 мај, во Македонија, граѓаните треба да ги насетат визијата и начинот на кој ќе ја практикуваат власта оние на кои им ја дале довербата со својот глас. Она што беше забележливо во обраќањата на новоизбраната претседателка Гордана Силјановска–Давкова и на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, (кои освоија најмногу гласови на парламентарните избори и најмногу пратенички мандати), е рационалноста без (можеби очекуван) победнички триумфализам. И во миговите додека се добројуваа гласовите (иако во голема мера беше извесен резултатот), пораките на победниците на изборите повеќе беа во насока на општествено помирување и за заедничко решавање на работите што се од интерес на државата.
– Не се согласувам со тезата дека гласовите сме ги добиле, сум ги добила, поради набој на национализам. Јас постојано велам – кога велам нација, мислам на граѓани. Во тимот имав и други етникуми и ќе ги вклучам во кабинетот. Тоа се луѓе со докторати, знаење, признанија. Впрочем не попусто ја преведов програмата на сите јазици. Значи ова не е време за поделби, за фалби, за триумфализам. Мора ние, јас, оние што ќе бидат на функции, да се обидеме да ставиме крај на балканизацијата, да се обидеме да помагаме едни на други. Не можете во политика со емоции да се однесувате, мора рационално. Мора да почнеме меѓу себе да се разбираме, да си помагаме, да не посегаме кон вето, туку кон поддршка. Прво патиштата водат кон Балканот, а тука секако е и Брисел. Знам дека ќе направам сè за да ги бранам државните и националните интереси – изјави во својот прв постизборен говор новата претседателка на Македонија, Гордана Силјановска–Давкова.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кому освоените гласови и пратенички мандати му го даваат легитимитетот да ја составува Владата, истата вечер нагласи дека е „горд на народот што застана на патот на поделбите“.

– Вечерва се покажа дека нема Македонија на ДУИ, нема Македонија на СДСМ, нема Македонија ниту на ВМРО-ДПМНЕ, нема лева или десна, источна или западна…има само една, единствена и вечна, независна, слободна Македонија.
Благодарност до сите што гласаа за нашата опција. Честа е голема, одговорноста кон секој од вас уште поголема. Нема да ве разочараме… Благодарност и до оние што излегоа на гласање иако не гласаа за ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата Твоја Македонија. Ќе ги споменам и оние што воопшто не гласаа. Сите вие ја имате мојата почит и треба заедно и обединето да направиме повеќе за сопствената иднина, иднината на вашите семејства и нашата Македонија – кажа во дел од својот постизборен говор Мицкоски.
Во првите постизборни денови, кога стивнува (пред)изборниот набој, кој траеше со месеци, јавноста веќе поставува рационални прашања. Може ли веќе да се воспостави една „шема“ на политичка комуникација, во насока на намалување на јазот и длабоката општествена поделба врз политичка основа? Колку е реално да се очекува таквата „шема“ да биде обединувачкиот импулс за заедничко надминување на предизвиците пред кои е поставена државата и на внатрешен и на надворешен план?
– Колку што можеше да се забележи во првичните говори на победниците,откако беа познати резултатите, тие беа на линија на повик за една поширока општествена соработка. Но мандатот што го добија, од пет (претседателскиот) и четири години (на Владата што треба да се состави), бара сериозен повеќегодишен план, со доследни принципи и методи, односно краткорочни, среднорочни и долгорочни програми. Во моментов, Македонија како држава има многу акутни прашања поврзани со националниот интерес, кои треба да се решаваат актуелно и влегуваат во некакви краткорочни политики, чии решенија се основа за понатаму. Бидејќи за цело време од независноста на државата не успеавме да го изградиме концептот на нација, кој се заменува и толкува со граѓански концепт, секој политичар што добива мандат мора да ја има предвид оваа недореченост и да најде модус вивенди како да го премости тоа. Секако, најголем предизвик на внатрешен план е справувањето со воспоставената коруптивна мрежа и психологија во институциите на државата, кои го разградуваат системот. Значи, првата задача е зацврстување на системот преку институциите, и тоа на широк општествен план: образование, здравство, судство. Треба да се има предвид и лошото искуство од авторитарното практикување на власта, во смисла – „имам власт и можам самоволно да одлучувам“. Демократски добиената власт, преку гласовите на граѓаните, обврзува на грижа за целиот народ, за целата нација. Секое скршување од поставените принципи и методи на работа на извршната власт би била погубна за државата, не само за добиената власт – вели историчарката Наташа Котлар-Трајкова.