Во Албанија масовни протести на политичката опозиција со обвинувања до актуелната власт:

Десетина илјади демонстранти, симпатизери и членови на албанската политичка опозиција викендов се собраа во главниот град на Албанија, Тирана, на протест во центарот на градот, барајќи оставка од премиерот Еди Рама. Демонстрантите изнесоа низа обвинувања за директно учество во организиран криминал и корупција од страна на премиерот Рама. Од страна на демонстрантите, актуелната власт беше обвинета и за владеење на сиромаштијата наместо владеење на правото во Албанија. Опозицијата го обвинува Рама и за растот на трошоците за живот, што поттикнува емиграција на голем број Албанци, особено млади, од земјата.

Обвинувања и за шпионажа за албанскиот премиер Рама

Интересни се обвинувањата на опозицијата до актуелниот премиер Рама, кои се од безбедносно-разузнавачки карактер.
Имено, опозицијата го обвинува Еди Рама дека одржува „тајни врски“ со поранешен функционер на американската ФБИ. Политичката опозиција во своето јавно обвинување го товари Еди Рама дека „со посредство на агент на ФБИ влијаел врз американскиот Стејт департмент, за да го прогласи лидерот на опозицијата и поранешен претседател и премиер Сали Бериша за непожелен во САД“!
Во тој контекст, лидерот на опозицијата Сали Бериша пред насобраните демонстранти, гласно обвини дека Рама „извршил непријателски чин за Албанија, корумпирајќи поранешен функционер на ФБИ за да се справи со опозицијата“.
Да потсетиме, овде се мисли за Чарлс Мекгонигал, поранешен висок функционер на ФБИ. Тој беше уапсен во јануари во САД поради основано сомнение за „корупција и недозволиви врски со странски лица и размена на класифицирани информации“. Во обвинението се наведува дека Чарлс Мекгонигал, како поранешен висок функционер на ФБИ, не пријавил 225.000 долари во готовина што ги добил од поранешен агент на албанската тајна служба. Во обвинението за Чарлс Мекгонигал исто така стои дека „одржувал редовен контакт со албански премиер“.

Лобирање или шпионирање

Опозицијата тврди дека Еди Рама користел поранешен функционер на ФБИ и финансирал „политичко лобирање“ против Бериша за да ја ослабне опозицијата. Патем, Сали Бериша, првиот демократски избран премиер на Албанија по падот на комунизмот, беше ставен на „црната листа“ на САД, при што му беше забранет влез од 2021 година поради корупција, додека беше премиер“.
Актуелниот премиер Еди Рама ги отфрли обвинувањата на опозицијата и рече дека „тоа е чиста клевета“. Тој исто така подвлече дека „обвинителството на САД во врска со случајот на Чарлс Мекгонигал не го доведувал во никаква директна или индиректна врска со него“.
Од Тирана се известува дека за време на протестот илјадници полицајци биле распоредени заради одржување на редот и мирот на протестите. Организатор на протестите беа Демократската партија на Сали Бериша и партијата на поранешниот претседател Илир Мета. Последниов, за потсетување, беше поранешен сојузник на Еди Рама.
Бериша и Мета на протестите викендов ги здружија силите за да ги соборат актуелната влада и премиер. Најавен е и нов протест за денеска, во попладневните часови. Н.М.