Фото: ЕПА

Мал е бројот на докази дека доаѓањето на вештачката интелигенција засега има значително влијание врз работните места, но тоа можеби е затоа што револуцијата е во рана фаза, велат од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД). Во својот извештај „Можности за вработување за 2023 година“, ОЕЦД објави дека работните места што се изложени на најголем ризик од автоматизација сочинуваат во просек 27 отсто од работната сила во земјите на ОЕЦД, при што земјите од Источна Европа се најизложени…

Став на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) за „револуцијата на вештачката интелигенција (ВИ)“

Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), во која членуваат 38 земји, излезе со соопштение дека повеќе од една четвртина од работните места ќе се потпираат на вештини што би можеле лесно да се автоматизираат во претстојната револуција на вештачката интелигенција. ОЕЦД ги обединува главно развиените и земјите во развој.
– Има малку докази дека појавата на вештачката интелигенција има значително влијание врз работните места досега, но тоа може да биде затоа што револуцијата е во рана фаза – велат од ОЕЦД.
Работните места што се изложени на најголем ризик од автоматизација сочинуваат во просек 27 отсто од работната сила во земјите на ОЕЦД, при што земјите од Источна Европа се најизложени, објави ОЕЦД во својот извештај „Можности за вработување за 2023 година“.

Тројца од пет работници би можеле да ги загубат своите работни места
поради вештачката интелигенција во следните десет години

Како работни места со најголем ризик се дефинираат оние што користат повеќе од 25 од стоте вештини и способности за кои експертите за вештачка интелигенција веруваат дека лесно можат да се автоматизираат.
Тројца од пет работници стравуваат дека би можеле да ги загубат своите работни места поради вештачката интелигенција во следните десет години, откри ОЕЦД во минатогодишното истражување. Истражувањето опфати 5.300 работници во 2.000 компании што покриваат производство и финансии во седум земји на ОЕЦД. Истражувањето беше спроведено пред експлозивната појава на генеративната вештачка интелигенција како ЧетГПТ.
И покрај вознемиреноста за појавата на вештачката интелигенција, две третини од работниците што веќе работат со неа велат дека автоматизацијата ги направила нивните работни места помалку опасни или заморни.
– Како вештачката интелигенција на крајот ќе влијае на работниците на работното место и дали придобивките ги надминуваат ризиците ќе зависи од активностите што ги преземаме. Владите мора да им помогнат на работниците да се подготват за промените и да ги искористат можностите што ќе ги донесе вештачката интелигенција – рече на прес-конференција генералниот секретар на ОЕЦД, Матијас Корман.
Минималните плати и колективното договарање би можеле да помогнат да се намали притисокот што вештачката интелигенција може да го изврши врз платите, додека владите и регулаторите мора да обезбедат правата на работниците да не бидат загрозени, велат од ОЕЦД. Р.С.


Организација за економска соработка и развој

Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) е меѓувладина организација основана во 1961 година за да ги стимулира економскиот напредок и светската трговија. Поголемиот дел членки на ОЕЦД се економии со приходи рангирани како „многу високи“ во Индексот за човечки развој и се сметаат за развиени земји. Организацијата опфаќа земји со вкупно население од 1,38 милијарда. Почнувајќи од 2017 година, земјите-членки на ОЕЦД колективно сочинуваа 62,2 отсто од глобалниот номинален БДП (49,6 трилиони американски долари) и 42,8 отсто од глобалниот БДП (54,2 трилиони американски долари) според паритетот на куповната моќ.
Во април 1948 година беше основана Организацијата за европска економска соработка (ОЕЕЦ) за да помогне во администрирањето на Маршаловиот план, распределба на финансиската помош на САД и спроведување економски програми за обнова на Европа по Втората светска војна. На почетокот членки на ОЕЕЦ беа само западноевропските држави. На 14 декември 1960 година, ОЕЕЦ беше реформиран во Организација за економска соработка и развој, која стапи во сила кон крајот на септември 1961 година, а членството беше проширено на неевропските држави, од кои први беа Соединетите Американски Држави и Канада.
Седиштето на ОЕЦД е во Шато де ла Мует во Париз, Франција. ОЕЦД е финансиран од придонеси од земјите-членки со различни стапки и во 2023 година има вкупен буџет од 338,3 милиони евра.