Целиот случај започнал кога вработена во фирмата добила порака на својата електронска пошта од (лажна) банкарска адреса во која од неа се бара да активира нова верзија на интернет и мобилно банкарство во согласност со упатствата содржани во електронската пошта. Но, заради потврда на упатството, службеничката дополнително добила и следствен телефонски повик од (наводно) вработена во банката, која ѝ дала упатство да постапи по барањето од мејлот и да ги активира добиените линкови

Хрватска: Интернет-измама што ги стаписа граѓаните

Хрватската јавност деновиве со особено внимание го следи развојот на настаните со големата компјутерска измама во која жртва е компанија од Риека. Имено, службениците на Првата полициска станица во Риека деновиве добиле кривична пријава од претставник на фирма од Риека, која од непознати лица била оштетена со сторено кривично дело „компјутерска измама“.
Целиот случај започнал кога вработена во фирмата добила порака на својата електронска пошта од лажна банкарска адреса во која од неа се бара да активира нова верзија на интернет и мобилно банкарство во согласност со упатствата содржани во електронската пошта. Дополнително, таа добила телефонски повик од наводно вработена во банката, која ѝ дала упатство да постапи по барањето од мејлот и да ги активира добиените линкови.
Откако постапила според упатствата, жената сакала да ја провери состојбата на „новата“ сметка. При последователна проверка на жиро-сметката, таа утврдила дека од сметката на фирмата е извршена парична трансакција од 183.200 евра.
Полицијата води кривична истрага за да ги открие сторителите, а овој случај беше повод уште еднаш да ги повика граѓаните да бидат многу внимателни при работењето на интернет и пред да активираат какви било линкови од е-пошта, секогаш да проверуваат во банката каде што имаат отворено деловна или приватна сметка, наведуваат во е-поштата, за да не станат жртви на компјутерска измама.
Тие нагласуваат дека е важно да се препознаат главните индикатори за измама:
– испраќање линк што очигледно води до страници на банката со објаснување како да се регистрирате и внесувате лични податоци;
– лажен/копиран изглед на веб-страницата на банката, лесно препознатлив по големиот број правописни и граматички грешки на хрватски јазик, во комбинација со странски јазици (најчесто се користат интернет-преведувачи);
– барање за внесување податоци од дебитната/кредитната картичка (бројот на картичката и особено таканаречениот безбедносен CVC/CVV трицифрен број од задната страна на картичката);
– барање за пристап до интернет-банкарство (внесување – број на токен, OTP од токен и APPLI2/MAC од токен).
Во случај на сомневање за измама или ако некој стане жртва на измама, полицијата советува инцидентот веднаш да се пријави на бројот 192!

Ангел Митревски, специјално за „Нова Македонија“ од Хрватска