Илустрација: „Нова Македонија“
  • Во период кога ЕУ бара продолжување на конфликтот во Украина, кога се шири русофобија, Венс испрати шокантна порака до Европа – најголемата опасност за неа не доаѓа од Русија или од Кина туку од самата Европа
  • Вашингтон упати остри критики до Брисел затоа што славенички ја поддржал судската одлука да го поништи првиот круг од изборите во Романија, а токму на тоа прашање има многу нешта да каже Македонија – токму нашата држава беше жртва на идеолошката матрица на која Трамп ѝ објави војна. Сега е прозвана и Европската Унија!
  • САД се загрижени за загрозеноста на слободата на мислење во Европа. Притоа Венс подвлече дека Американците се чудат кога слушаат дека во либерална Европа се фингираат, ревидираат и ретушираат работи доколку резултатите од нештата не им се допаѓаат на бирократите од Брисел…

Во поствоената американска историја два говора се сметаат за најмоќни, кои се паметат по своите силни пораки и кои на извесен начин го промениле текот на историјата. Но сега го имаме и третиот во низата најмоќни говори и повторно е кажан во Германија.
Првиот говор е на Џ.Ф. Кенеди, одржан на 26 јуни 1963 година во Западен Берлин. Тој кажа: „Пред две илјади години најгордата фалба беше ’Јас сум граѓанин на Рим’ (Civis Romanus sum). Денес, во светот на слободата, најгордата фалба е ’Јас сум берлинец’ (Ich bin ein Berliner). Слободата има многу тешкотии, а демократијата не е совршена, но никогаш не сме морале да поставиме ѕид за да го задржиме нашиот народ, за да го спречиме да нѐ напушти. Сакам да кажам, во име на моите сонародници, кои живеат многу милји подалеку од другата страна на Атлантикот, кои се далеку од вас, дека ја чувствуваат најголемата гордост што можеа да ја споделат со вас, дури и од далечина, приказната за последните 18 години. Не познавам ниту еден град ниту еден град што бил под опсада 18 години, кој сè уште живее со виталноста и силата и со надежта и решителноста на градот Западен Берлин. И покрај тоа што ѕидот е најочигледната и најживописна демонстрација на неуспесите на комунистичкиот систем, за целиот свет да ги види, ние не се задоволуваме од него, бидејќи, како што рече вашиот градоначалник, тој е навреда не само против историјата туку и навреда против човештвото, раздвојување семејства, поделба на сопрузи и жени и браќа и сестри и разделување на народ што сака да биде здружен“.
По цели 24 години републиканскиот претседател на САД, Роналд Реган на 12 јуни 1987 година пред Бранденбуршката порта во Берлин одржа говор обраќајќи му се директно на претседателот на СССР: „Господине Горбачов, урнете го овој ѕид“!
Тоа е една од најмоќните реченици на 20 век. Ѕидот падна по две години.
На 14 февруари 2025 година во Минхен на безбедносната конференција не се обрати претседателот на САД, туку потпретседателот Џејмс Даглас Венс, но со говор што влегува во аналите на еден од најмоќните. И тој побара да се урне ѕид и тоа во Европа, ѕид што ги задушува демократијата и слободата на медиумите.

ШОКАНТНИ ПОРАКИ ЗА ЕВРОПА

Една од клучните пораки на Венс, а тоа значи на администрацијата на Доналд Трамп, ја шокира Европа, но и дел од светот, оној што се нарекува западна цивилизација. Од тој петок веќе и најголемите неверници ќе мораат да се прешалтуваат на новата линија на поврзување меѓу Америка и Европа, на вредности што на Стариот Континент се одамна заборавени. Тоа Вашингтон не го сака.
Првиот шок е во следната реченица на Венс: „Заканата што нè загрижува сè повеќе не е Русија или Кина, туку таа доаѓа однатре во Европа. Тоа е оддалечување од Западот и од САД“.
Па, кој во Европа зборува вака или размислува на тој начин? Но новиот шпил карти на масата сега ги подели Венс во име на Америка и јасно е дека идеолошкото прочистување во САД е пренесено и на европска почва. За некого тоа ќе биде и домашна задача. А, моментот на соопштување на овој американски став е повеќе од гром од ведро небо затоа што Европа е во фаза на ширење русофобија и барање начини како да ја добие војната против Русија во Украина. Дали се на телефонска линија Вашингтон и Брисел? Очигледно за многу прашања не се. Па така, сосема неочекувано звучи и најавата од администрацијата на САД дека Европа нема да биде вклучена ниту во мировните преговори за Украина. Пораката од американските партнери и сојузници е дека Европејците се многу комплицирани, имаат различни ставови и ги упропастиле мировните преговори од Минск.
„Има нов шериф во градот“, рече Венс, мислејќи на враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа. „Можеби не се согласуваме со вашите ставови, но ќе се бориме да го одбраниме вашето право да го понудите на јавниот плоштад“. А, потоа Венс ќе отиде уште еден чекор подалеку и директно ќе им каже в лице на Европејците: Ако ние можевме да ја трпиме Грета Тунберг, ќе можете и вие да го трпите Илон Маск“. Маск е дел од тимот на новиот шериф.

ЗАГРИЖЕНОСТ ЗА ЗАГРОЗЕНАТА СЛОБОДА НА МИСЛЕЊЕ

САД се загрижени за загрозеноста на слободата на мислење во Европа. Притоа Венс посочи дека Американците се чудат кога слушаат дека во Европа се поништени избори затоа што резултатот не им се допаднал на бирократите во ЕУ. Конкретно Венс ги истакна изборите во Романија што беа поништени со судска пресуда, а тоа предизвикало славје во Брисел. „Така не се брани демократијата“, рече Џеј Ди Венс. Но јасно е дека тој им даде поддршка на романските десничари, а пораките од Венс секако дека дополнително ќе ја засилат десницата во Европа.
Ова е особено горливо прашање за Германија, која за една недела излегува на избори, а американската администрација им дава силна поддршка на крајните десничари од АфД. Иако се очекува победа на ЦДУ, сепак останува отворено прашањето колку германските демохристијани ќе мораат да скршнуваат во десно зашто натаму одат главните политички ветришта.

ГИ ФАЌА ЛИ МАКЕДОНИЈА ПОРАКИТЕ НА СВОИТЕ РАДАРИ?

Голема македонска делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски учествува на безбедносната конференција и имаше можност директно да ги слушне пораките на Венс. Од друга страна, шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски на маргините на конференцијата имаше средба со својот бугарски колега и се чини дека и двете страни во моментов остануваат на своите позиции во врска со нашите евроинтегративни процеси. Бугарија не отстапува од барањето првин да се внесат Бугарите во Уставот, па да го крене ветото, а ние не прифаќаме ултиматуми.
Она што е важно да се фати на радарите е дека новиот шериф во Вашингтон сака да ги расчисти купиштата коруптивни скандали оставени од претходната администрација. Македонските власти имаат солидни врски со тимот на Трамп, а тоа значи дека може елегантно, без многу помпа, да им се претстави нашата позиција во однос на Бугарија, но и за Преспанскиот договор со Грција, кој ни ја отвори идентитетската рана. Ако може Романија да биде на радарот на Вашингтон, секако дека и случајот со Македонија заслужува сериозно внимание и анализа од тимот на Трамп. Македонија беше жртва токму на идеолошката матрица против која сега Трамп отвори војна. Но не само во САД. Прозвана е и Европската Унија.