Фото: Игор Бансколиев

Македонија денеска одбележува 31 година од усвојувањето на највисокиот правен акт на државата, кој беше изгласан во македонското собрание на денешен ден во 1991 година, со 93 гласа „за“, со што и во уставноправна смисла беа заокружени независноста и сувереноста на Македонија, изгласани претходно на референдумот од 8 септември истата година. Токму носењето на Уставот во тој историски миг ја потврди констатацијата дека во срцето на Балканот продолжи континуитетот на македонската држава надвор од југословенската федерација, како самостојна, независна и суверена, и со стапувањето во сила највисокиот правен акт ги отвори вратите за меѓународно признавање на Македонија во новиот државноправен облик

Денеска се одбележуваАТ 31 година од усвојувањето на највисокиот државноправен акт

Македонија денеска одбележува 31 година од усвојувањето на највисокиот правен акт на државата, кој беше изгласан во македонското собрание на денешен ден во 1991 година, со 93 гласа „за“, со што и во уставноправна смисла беа заокружени независноста и сувереноста на Македонија, изгласани претходно на референдумот од 8 септември истата година. Токму носењето на Уставот во тој историски миг ја потврди констатацијата дека во срцето на Балканот продолжи континуитетот на македонската држава надвор од југословенската федерација, како самостојна, независна и суверена, и со стапувањето во сила највисокиот правен акт ги отвори вратите за меѓународно признавање на Македонија во новиот државноправен облик.
Креатори на работниот текст на македонскиот устав беа професорите Владо Поповски, Љубомир Фрчкоски и Лазе Китановски, а како таков од еминентни меѓународни уставни експерти, на чело со Роберт Бадентер, тогаш беше оценет како „современ, демократски и граѓански“.

Најпрво реобликување на уставната материја, а потоа
следуваа и низа промени на изворниот текст на Уставот

Според Уставот, општествено-економскиот и политичкиот систем на Републиката се засноваат на принципот на владеење на правото, човековите слободи и права, поделбата на власта, пазарната економија и другите темелни вредности на современото демократско општество. Меѓутоа, суштинската промена што се направи е тоа што тој веќе не беше веќе во духот на историскиот стремеж за создавањето национална држава на македонскиот народ, иако поради преамбулата тогаш тоа не можеше да се препознае. Имено, токму со Уставот од 1991 година се исчекори од национален кон граѓански концепт, со што се отвори спиралата за промена на карактерот на државата, таа да го загуби носителот на државноста во името на македонскиот народ, а на тоа место да дојдат „граѓаните“.
Иако сите оцени за текстот на Уставот беа највисоки, сепак настаните поврзани со актуелните внатрешни, но и надворешни случувања, ги покажаа слабостите на граѓанскиот концепт, наспроти националниот, особено во тој историски период на национални премрежиња и распад на поранешната југословенска федерација, каде што сите федерални единки беа советувани од нивните меѓународни поддржувачи дека формирањето национални држави (нацијата како конституент) во тој момент е меѓународноправно најконјунктурно, доколку се сака долгорочност и одржливост на својата новоформирана држава. Но ние сепак се решивме за граѓанскиот концепт. Во основа, нашата одлука беше легитимна и отстрана оценета како најлиберална, меѓутоа прескокнувањето на една фаза во формирањето и бетонирањето на македонската државност и со одбегнување на принципот македонската нација да биде конституент, покажа дека има низа слабости, кои подоцна излегоа на виделина со многубројните внатрешнополитички нестабилности, а и промени и интервенции во Уставот.

Измените на Уставот се редеа како на филмска лента

Така, се наметна потребата од неколку измени на највисокиот правен акт, почнувајќи веднаш од 1992 година, кога со амандмански интервенции беше додадено дека Република Македонија нема територијални претензии кон соседните држави. (И во 1998 година беше усвоен амандман по иницијатива на Врховниот суд со кој се променија одредбите за времетраењето на притворот, односно наместо 90 дена, како што беше претходно, притворот до подигањето на обвинението, по одлука на судот, може да трае најдолго 180 дена од денот на притворањето.)
Но клучните промени беа направени во 2001 година. Тогаш беа донесени 15 амандмани (IV–XVIII) како обврска од Охридскиот рамковен договор. Амандманот IV9 се однесува на преамбулата на Уставот на Република Македонија, која е напишана во еден став. Новините во преамбулата се однесуваат на следните факти: во текстот граѓаните се конституенти на македонската држава, македонскиот народ се дефинира како етнос, националните малцинства од националности се трансформираат во делови од народи, се укажува на одговорноста на сите субјекти за сегашноста и иднината на нивната татковина, се изразува благодарност кон предците за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава Македонија, а Република Македонија се определува како заедничко добро. Амандманот V11 на сосема нов начин го уредува прашањето на службениот јазик и неговото писмо. Освен македонскиот јазик и кирилското писмо, кој е службен јазик на целата територија и во меѓународните односи, службен јазик може да биде и јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните, на начин и случаи определени во членот 7 од Уставот. Амандманот V ja уредува и службената употреба на јазиците во единиците на локалната самоуправа во кои најмалку 20 отсто од граѓаните зборуваат јазик што е различен од македонскиот.
Амандманот VI12 воведе нова темелна вредност во уставниот поредок на Република Македонија, односно соодветна и правична застапеност на граѓаните од другите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа.
Амандманот VII13 ги наведува верските заедници во Македонија, со што во однос на Уставот од 1991 година листата на верските заедници е проширена. Освен Македонската православна црква, во овој амандман се наброени и другите верски заедници: Исламската верска заедница; Католичката црква; Евангелско-методистичката црква и Еврејската заедница.
Со Амандманот VIII15 се регулираат правата на етничките малцинства. Поимот националност од Уставот од 1991 година е заменет со поимот „заедници“, кој е преземен од Уставот на Белгија.
Нови уставни измени се направени и во 2003 година, кога по предлог од Владата на Република Македонија е донесен Амандманот XIX. Со овој амандман се овозможува отстапување од неповредливоста на тајноста на писмата и сите други облици на комуникација, а не само на писмата како што е наведено во Уставот од 1991 година. Отстапувањето се врши врз основа на одлука на суд, под услови и постапка утврдени со закон, поради спречување или откривање кривични дела и поради заштита на интересите на безбедноста и одбраната на Република Македонија.
Во 2005 година се усвоени 11 амандмани (XX-XXX), кои се однесуваат на реформите на судскиот систем, односно на промената на организацијата на судскиот систем, изборот на судии и јавно обвинителство.

На собраниската седница одржана на 9 јануари 2009 година е усвоен Амандманот XXXI на Уставот, со кој е утврден цензусот за избор на претседателот на Републиката во вториот изборен круг (ќе биде избран оној кандидат што ќе добие мнозинство гласови од избирачите што гласале, доколку на избори излегле повеќе од четириесет проценти (40%) од вкупниот број избирачи во Републиката).
Амандманот XXXII на Уставот е усвоен на собраниската седница на 12 април 2011 година, а се однесува на неможноста за одземање на државјанството на државјанин на Република Македонија, односно на неможноста истиот тој да биде протеран од државата. Државјанин на Република Македонија не може да ѝ биде предаден на друга држава, освен врз основа на ратификуван меѓународен договор и со одлука на суд.
Последните уставни измени беа направени на 11 јануари 2019 година, кога во законодавниот дом беа усвоени амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV, XXXVI на Уставот, кои влегуваат во сила со влегувањето во сила на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување стратегиско партнерство меѓу страните и ратификацијата на Протоколот за пристапување во НАТО од Првата страна на Конечната спогодба. Со нив се менува името на државата од „Република Македонија“ во „Република Северна Македонија“, се прават промени во преамбулата, се гарантираат суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави и грижата за дијаспората.

Се наметна една психологија на поделеност

Генерална оцена на некои од креаторите на Уставот е дека изворната верзија на Уставот, без оглед на сета општествената контроверзност во неговото прифаќање од почетокот до денес, сепак опстојала и го задржала својот оригинален либерално-граѓански концепт.
– Уставот тогаш претставуваше една рамка на демократски позиции, односи на граѓаните во Република Македонија и на заедниците. Во суштина, гледано од денешна перспектива, тој устав од 1991 година не е променет по својата главна карактеристика, имено дека е демократски, дека е израз на повеќенационалноста во државата и дека почнувајќи од тој устав, па до денес се почитува принципот на пропорционална застапеност на заедниците, на граѓаните од различните заедници, што претходно не беше воопшто случај – вели професорот Владо Поповски, кој работеше на изворниот текст на Уставот пред повеќе од 30 години.
Според него, амандманските интервенции сите овие години биле во насока да се подобри нормативниот дел, но добар дел од нив предизвикал лоша примена во практика.
– Имам чувство дека проблемот не е во Уставот, туку до практиката, бидејќи во Уставот и во согласност со Охридскиот рамковен договор се претпоставува застапеноста во државните и општествените институции да биде поврзана и со принципот на стручност и компетентност. Мислам дека најголемото нарушување, кое не произлегува од нормата, туку од практиката, се однесува токму на тоа. Второ, повторно во практиката наместо да се гради заедништво на граѓаните независно од нивната етничка, национална или друга припадност, се има чувство дека активностите што се прават, па дури и просториите каде што се одвиваат тие активности, како да се поделени. На пример, за мене беше навистина несфатливо и до ден-денес мислам дека е погрешно тоа што има посебни владини згради во кои се сместени само функционери членови на владата Албанци и други во кои се сместени само претставници на Македонците. Веќе се формирани два тека, две теченија, наместо да бидат апсолутно сите владини згради пополнети со Македонци и претставници на заедниците за да можат граѓаните таму да се среќаваат. Мислам дека се наметна една психологија на поделеност – нагласува Поповски.
Тој понатаму како аномалија во лошата практика на примената на Уставот ја гледа партизацијата во сите сфери на функционирање.
– Партизацијата на власта, мислам на секоја власт, отиде до тој степен што ние веќе имаме партиска управа, која, независно од која партија, не ги исполнува условите на компетентност и стручност во секој случај. Едно е тоа прекумерна бројка на администрација, која не може да ја издржи Македонија, и факт е дека кога ќе дојде друга партија на власт, внесува свои луѓе на места каде што веќе има вработено, а тие што се вработени одат во некои простории да го поминат времето пиејќи кафе, чекајќи да дојде нивната локомотива. Генерален заклучок што лично го имам е дека не е толку нормативно изменета карактеристиката на Уставот, колку што практиката отиде во голем степен надвор од Уставот на РМ – истакнува професорот Поповски.

Барањата за уставни измени нова закана за унитарниот карактер на државата

Професорот Поповски се осврна и на најавите на албанскиот политички кампус во земјава за нови уставни измени, што, според него, е непотребно и отвора сомнеж дека некој ја води работата кон нешто на што отворено се спротивставуваат и САД и меѓународната заедница, а тоа е нарушување на унитарниот карактер на Македонија.
– Ова индицира на мотив кај албанските политичари и партии дека тие имаат амбиции надвор од Охридскиот рамковен договор, не тоа се формални барања, само процентот да се замени со името на јазикот, наместо 20 отсто да се напише албански јазик, туку и да се поместат улогата и нивото на употребата на тој јазик и, второ, работата стигна до таму што граѓаните Албанци и Македонци повеќе не се среќаваат во државните институции. Тоа е она што во 1997-1998 година го предлагаше Арбен Џафери, Македонија да стане бинационална држава без промена на општите граници, бидејќи САД веќе јасно ставија до знаење дека ја гарантираат унитарноста на Македонија, но Џафери тогаш за да не оди контра на меѓународните препораки, сакаше преку функциите и институциите да се создаде функционален федерализам, кој по некое време може да отиде и во повисока фаза. Некој сега, предлагајќи вакви уставни измени, како да сака да ја продолжи политиката што тогаш ја заговараше Џафери – предупредува професорот Поповски.
Според него, овие уставни измени што сега се бараат можат да се решат многу едноставно ако се има искрена волја и ако нема нечесни намери од некоја страна.
– Тоа полесно може да се реши, со тоа што она за процентите, под претпоставка да не се менува соодносот меѓу македонскиот јазик и јазикот што го зборуваат 20 отсто, да нема никаква промена на тој план, бидејќи ако има, тогаш се создаваат две теченија што се функционални, а на долг рок, по некои 30-40 години, можеби ќе се изроди и некое територијално барање. Таа идеја за бинационална држава како да е во зародок и мора да се проблематизира и смени – појаснува Поповски.

Уставите може да се менуваат

Коментирајќи во врска со досегашните уставни промени, како и најавите за ново отворање на Уставот, професорот смета дека промените не треба да бидат проблематични ако водат кон позитивен развој на општеството.
– Секој устав за некоја промена, ако е таа позитивна и соодветна, треба да биде дополнет. Уставот не е евангелие, но, од друга страна, не може да се вметнуваат решенија што го нарушуваат карактерот на државата, кој во Уставот се вели дека не може да биде нарушен, мора да остане унитарниот карактер и мора повеќеетничноста да се изрази во јавните институции. Ако се инсистира на застапеност над 30-40 отсто во некои институции, како што се направи обид со впишување и на дијаспората за време на пописот, тоа не е според Уставот. Второ, ако застапеноста е околу 25 отсто и повеќе само во одредени институции, и тоа е надвор од нормите на Уставот. Тоа значи дека веќе тргнал процесот на подвојување – истакнува Поповски.
И други експерти од уставната проблематика сметаат дека подоцнежните амандмански измени на Уставот во најголем дел не ги решиле слабостите што се покажале од примената на Уставот во практиката, туку решенијата што ги понудиле отишле во друга крајност, што, сепак, не го оправдува нивното присуство во Уставот. Некои од нив сметаат дека на земјата ѝ треба устав што ќе ја определи иднината, а не како сега, Устав што ја објаснува сегашноста.