Фото: Игор Бансколиев

Изјавата на американската амбасадорка одекна громогласно од Охрид. Содржината на изјавата за Македонија и Македонците беше отрезнувачка. Адресата, пак, на упатената порака, иако не беше децидна, беше препознатлива. Во изјавата можеа да се препознаат македонските политичари што ги водат евроинтегративните процеси (со назнака да подзапрат со форсирањето на реториката за „неопходност од уставни измени“, зашто веќе е „направено повеќе од доволно за да се започне преговарачкиот процес“). Како втора адреса на упатување на пораката може да се препознаат и субјектите на меѓународното право и земјите-членки на ЕУ (со назнака да почнат да ги почитуваат и да ги применуваат универзалните принципи и вредности на меѓународното право, кога станува збор за Македонија, и да не притискаат со постојани уцени и закани за изолација на земјава ако не прифати некој од неквалификуваните услови, кои се сосема спротивни на Копенхашките критериуми за проширување на Унијата)

Некои аспекти на изјавата на новата амбасадорка на САД во Македонија, Ангела Агелер, дадена Деновиве во Охрид

Новата амбасадорка на САД во Македонија, Ангела Агелер, на својата прва јавна активност по стапувањето на должност даде изјава, која, според аналитичарите, е со исклучително силна, повеќеслојна и повеќезначна порака. Упатена од духовниот и културен центар на Македонија, Охрид, амбасадорката со својата изјава влијаеше отрезнувачки за македонската јавност, што, според аналитичарите, се толкува и како „еден вид необично признание дека се надминале дури и нејзините очекувања со отстапките и компромисите што ги направи Македонија за своите евроинтеграции“. Но истовремено, аналитичарите толкуваат дека во потконтекстот на таквата изјава може да се прочита дека „ќе треба да ѝ се стави крај на таквата практика на притисок врз земјава, надвор од сите принципи и вредности на меѓународното право“.
Според Агелер, Македонија и Македонците направиле тешки компромиси за членството во НАТО и почетокот на преговорите со Унијата.
– Ако некој ми кажеше во 2013 година дека оваа земја ќе го смени своето име за да стане најновата членка на НАТО, јас ќе речев дека тоа не е возможно. Ама го сменивте. И денес за вашата иднина и иднината на вашата генерација имате нов предизвик, а тоа е ЕУ-интеграцијата. Оваа земја и овие граѓани направија повеќе од доволно за да ги отворат преговарачките процеси. Влегувањето во ЕУ ќе ја направат попросперитетна и постабилна оваа земја – рече амбасадорката Агелер, потсетувајќи се на периодот од пред десетина години кога во американската амбасада во Скопје го предводела Одделението за односи со јавноста.
Агелер ги испрати пораките од отворањето на меѓународната конференција „Објективот на младите за мир и помирување“, која се одржа во Охрид, каде што од нив побара да бидат силата што ќе ја води државата напред и покрај многубројните предизвици и пречки на патот кон Унијата. Кога темата за уставните измени, „наложена“ со предлог-преговарачката рамка, наречена француски предлог како услов за Македонија ефективно да ги започне преговорите за членство во ЕУ, доминантно ги диференцира односите и поделбите во македонскиот политички амбиент, пораката на американската амбасадорка дека „земјата и граѓаните направиле повеќе од доволно за почеток на преговарачкиот процес“ прозвучува како сигнал со најмалку тридимензионално значење, упатен до три адреси.

Пораката да ја прочитаат и македонските, но и европските политичари и државници

Субјектите што првично би требало да се препознаат како адреси за пораката на американската амбасадорка би можеле да бидат македонските политичари, кои ги водат евроинтегративните процеси, за да подзапрат со форсирањето на реториката за „неопходност од уставни измени“, зашто веќе е „направено повеќе од доволно за да се започне преговарачкиот процес“. На оваа порака сериозно внимание треба да посветат и субјектите на меѓународното право, т.е. ЕУ и земјите-уценувачки на евроинтеграциите на Македонија, за да почнат да ги почитуваат и да ги применуваат универзалните принципи и вредности на меѓународното право, кога станува збор за Македонија, и да не притискаат со постојани уцени и закани за изолација на земјава ако не прифати некој од неквалификуваните услови, кои се сосема спротивни на Копенхашките критериуми за проширување на Унијата.
Иако објективните познавачи на евроинтегративните процеси често признаваат дека тоа што ѝ се прави на Македонија за само да се приближи до портите на ЕУ е неправда, а секоја наредна отстапка ги загрозува нејзиниот суверенитет и националниот идентитет, но и стандардите на меѓународното право што тргнуваат од правото на самоопределување, однесувањето и изјавите на претходниците на амбасадорката Агелер, оставаат резервираност во македонската политичка јавност.
– Добро е што новата американска амбасадорка призна дека не верувала дека ќе го смениме името на државата за членство во НАТО, а и тоа дека сме направиле повеќе од доволно за почеток на преговорите со ЕУ. Иако читам извесна недоследност со активностите и заложбите на нејзиниот претходник Џес Бејли во креирањето и прифаќањето на Преспанскиот договор, а со тоа и промена на името на државата Македонија, сепак ако ништо друго е отрезнување за нашите политичари дека сме изиграни со овој договор, а ќе бидеме уште повеќе изиграни со прифаќање на Договорот за добрососедство со Бугарија во преговарачката рамка за членство во ЕУ. Ако амбасадорката Агелер смета дека сме „направиле повеќе од доволно за ЕУ“, тогаш би било многу добро ако се заложи директно кај нашите европски партнери за нашите евроинтеграции. Адресата за овие пораки не е во Скопје, туку во Брисел, па барем да се прекине овој мачен и бесмислен процес со Бугарија. Условите за уставните измени што ни ги поставуваат преку Бугарија не значат ништо за ЕУ, но нам ни ги загрозуваат суверенитетот и националниот идентитет. Доколку овие пораки амбасадорката не ги упати на вистинската адреса и не се заложи за одблокирање на македонските евроинтеграции, тие ќе останат само празни зборови, особено што доаѓаат пост фактум, откако голем дел од процесите не можат да се вратат назад. Воопшто, лошо е кога во меѓународните односи нема реципроцитет и сѐ е насочено на притисок кон едната, помалку моќна страна – вели професорката Солза Грчева.
Професорката Грчева потсетува дека во врска со принципот на реципрочност во меѓународните односи не е завршен ни процесот на имплементација на Преспанскиот договор во Грција, додека во Македонија тој е спроведен речиси целосно и пред истекувањето на петгодишниот период за извршување.
– Многу важно е како ќе одигра Грција со спроведувањето на тие малку обврски што ги доби со Преспанскиот договор, до 2023 година, кога завршува рокот за негова имплементација на двете страни на договорот. Македонија спроведе речиси сѐ, уште на почетокот по потпишувањето на договорот, додека во Грција, премиерот Мицотакис не смее ни да помисли да ги стави на гласање во парламентот за ратификација трите меморандуми произлезени од овој договор. Во случај ако договорите не се применети од двете договорни страни, се создава основа тие да бидат прогласени за неважечки. Доколку тоа не се случи во Грција до 2023 година, ние, како Македонија имаме право да одиме пред Меѓународниот суд на правдата, каде што еднаш веќе имаме добиено пресуда против оваа земја во наша корист. Добро е што се чуди американската амбасадорка што сме го смениле името. Веројатно ќе биде помалку изненадена кога ќе започне процесот на враќање на поранешното државно име – порачува Солза Грчева.

Ќе ни помогне ли изјавата на американската амбасадорка

За ефектите на пораката на амбасадорката Агелер, политичкиот аналитичар и прв извршен директор на МЦМС, Александар Кржаловски, смета дека тие најмногу треба да влијаат на македонските политичари, во смисла дека „доколку не држиш до себе и своите ставови и определби (достоинство) – ни другите нема да те ценат и само ќе чекаат да попуштиш“.
– Пораката на новата американска амбасадорка Агелер дека Македонија направила и повеќе од доволно за своите евроинтеграции, покрај тоа што е коректна и точна, не верувам дека дополнително ќе придонесе за полесен пат на државата понатаму во евроинтеграциите.
Имено, констатацијата дека ни самата не верувала дека ќе го смениме името (што веројатно ни самата не би го направила, ниту кој било што држи до своето достоинство и достоинството на сопствената држава, што патем е првата од основните вредности на Европската Унија), само дополнително потврдува дека ни меѓународната заедница не можеше многу да направи за решавање на блокадите (дури ни САД, а ни ЕУ), освен со притисок кон послабиот (во случајов Македонија), сѐ додека самите не попуштивме (не би ги нарекол „компромис“ ни Преспанскиот договор ни францускиот предлог – туку класично попуштање под уцена).
Исто така, тоа што сега се констатира дека сме направиле доволно (или и премногу) нема да помогне при следната ситуација/блокада (впрочем сега и самите сме блокирани, со уставните измени, откако Владата се согласи на таква промена без да ја праша опозицијата, од која сега очекува да ги изгласа). Иако верувам дека дипломатиите и на САД и на ЕУ многу работеле на деблокадите во минатото, се покажа дека доколку другите земји цврсто стојат на своите позиции (и се мошне единствени околу тоа), нема начин да се принудат на компромис (или целосно откажување од несоодветните, па и непристојни, односно целосно антиевропски барања и очекувања од нас).
Можеби оваа порака ќе допре и до некои политичари во соседните земји и ќе има некаков ефект за превенција на следни блокади, но се изгоревме премногу пати за да веруваме во тоа. Можеби ќе има ефект и на домашните политичари – дека што, доколку не држиш до себе и своите ставови и определби (достоинство) – ни другите нема да те ценат и само ќе чекаат да попуштиш, но и за тоа видовме – дека секогаш ќе се најде некој што е подготвен да прифати работи што се неприфатливи за големото мнозинство граѓани (па уште и да го „продаваат“ тоа како лидерство)! – вели Александар Кржаловски.