Знае ли официјална Софија дека со одбивањето за регистрација на Македонскиот културен клуб во Благоевград, Бугарија, таа всушност одбива и забранува културна комуникација меѓу народите и земјите од Балканот за мир и добрососедство, за поддршка на универзалните човекови права и правата на лицата што им припаѓаат на малцинствата?! Одбивањето за регистрација на Македонскиот културен клуб во Благоевград не само што е своевидно продолжение на контроверзната низа настани во македонско-бугарските билатерални односи, предизвикана од хегемонистички тенденции на бугарските политички експоненти за попречување на развојниот пат на Македонија, туку е уште еден материјален доказ за флагрантно кршење на меѓународното право и повеќе резолуции и пресуди на институциите на ЕУ

Одбивањето за регистрација на
Македонскиот културен клуб во
Благоевград, Бугарија, како повод

Додека во Македонија правниот систем ги одбројува деновите за истекување на законскиот рок за преименување на бугарските здруженија именувани според контроверзни историски ликови, со биографија на фашистички колаборационисти, институциите во Бугарија во слична ситуација реагираат експресно. Агенцијата за регистрација на здруженија од Бугарија, на 10 февруари 2023 година го одбила барањето за регистрација на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“, иако документите биле поднесени на 7 февруари 2023 година. Образложението на бугарската институција за одбивање на регистрацијата на клубот „Никола Вапцаров“ е дека „постоењето на ваквиот клуб е спротивно со членот 12 став 2 од Уставот на Бугарија, бидејќи според Законот за непрофитни правни лица, граѓанското здружение не може да се занимава со политичка активност!“

Софија забранува да има „мир и добрососедство и поддршка на универзалните човекови права, вклучувајќи ги и правата на лицата што припаѓаат на малцинствата“?

Претставниците на здружението најавуваат дека ќе ја обжалат оваа одлука прво пред бугарскиот суд, наведувајќи дека во програмските цели и акти доставени во документацијата не се наведуваат политички цели и активности.
– Целите на здружението, декларирани од клубот, се: „културна комуникација меѓу народите и земјите од Балканот за мир и добрососедство, како и поддршка на универзалните човекови права, вклучувајќи ги и правата на лицата што припаѓаат на малцинствата“, се вели во пораката. На 10 февруари добивме решение за одбивање на регистрацијата, што значи дека на нашето здружение му е ускратена легитимноста и е забрането. Сметаме дека ова одбивање е непринципиелно. Во одбивањето е цитиран единствен правен текст – од Уставот на Република Бугарија – чл. 12, ст. 2, дека здруженијата на граѓани не можат да поставуваат политички цели и да вршат политички активности, кои ние, како што може да се види од горенаведените цели, не само што сме ги запазиле, туку дополнително сме напишале експлицитно во статутите кои нашето здружение ги нема за целта на вршење политичка дејност. Сепак, имаме одбивање за регистрација – се наведува во соопштението до медиумите од македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“.
Одбивањето за регистрација на македонскиот културен клуб од Благоевград е своевидно продолжение на контроверзната низа настани во македонско-бугарските билатерални односи, предизвикана од провоцирачките намери на бугарските политички експоненти за попречување на евроинтегративниот пат на Македонија. Одлуката за ставање во нелегитимен статус, според бугарските закони, на македонскиот културен клуб влегува во фолдерот на Бугарија со случаи на 17-те неспроведени пресуди од Европскиот суд за човекови права, со кои се задолжува да им биде овозможено правото на здружување на бугарските државјани што се изјаснуваат како Македонци.

Европска Бугарија забранува и универзални вредности како што се „слобода на изразување и слобода на здружување“?!

Во меѓувреме, со „политичка контраофанзива“, Бугарија се обидува да исконструира состојба со „обесправени Бугари“ во Македонија (сепак избегнувајќи го зборот „малцинство“), со формирање клубови во земјава, чија цел е очигледно провоцирачка, со самото именување според ликови со фашистичка биографија.
Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, Бугарија, беше отворен по приватна иницијатива на крајот на октомври, минатата година, а неодамна, на 4 февруари беше скршен излогот на клубот. Беа приведени четири лица во врска со инцидентот, кои минаа речиси без никакви санкции, правдајќи се дека тоа го направиле од револт што бугарски граѓани биле задржани на македонската граница кога сакале да дојдат во Скопје, на чествување на роденденот на македонскиот револуционер Гоце Делчев.

– Одлуката на бугарската институција да не дозволи регистрација на здружение, кое наведува дека неговите програмски цели се: „културна комуникација меѓу народите и земјите од Балканот за мир и добрососедство, како и поддршка на универзалните човекови права, вклучително и правата на лицата кои припаѓаат на малцинствата“, остава простор за констатациите дека Бугарија како држава е против овие универзални вредности. Веќе ни е познато дека Бугарија за оваа одлука ќе се повика на одредбите од својот устав. Но слободата на изразување и слободата на здружување се универзалните вредности, во редот на основните човекови права и меѓународното право. Иако да се зборува за малцинства не е прифатливо според бугарскиот устав, секаде во светот е прифатливо да се почитуваат правата на малцинствата, а прифатлива и дозволена е борбата за малцинските права, кои се во делот на човековите права. Според тоа, иако нешто за бугарскиот устав е неприфатливо, мора да го толерира како универзална вредност и да овозможи услови за нејзино спроведување. Декларирањето на националната припадност претставува слобода на изразување. А слободата на изразување дозволува и бара да се толерираат работи што, на пример, за едно општество или држава се можеби навредливи. Ако во Бугарија е навредливо некој да се декларира како Македонец, сепак државата мора да го толерира тоа и да овозможи да може тој што така се декларира и слободно да се изрази, зашто секаде во светот тоа е прифатливо. Одлуката да не се дозволи регистрација на македонскиот клуб во Благоевград, сметам дека е политичка. Добро е што здружението одлучило да ја обжали пред судските инстанци во државата. Судот е тој што ќе ја оцени правната заснованост на одлуката, а тоа е почеток на правниот пат за докажување на правото на слободно изразување и правото на здружување – ни вели Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права.

Одредни здруженија и политички субјекти од Македонија побараа од македонската влада да протестира пред Европската Унија, Советот на Европа и пред ОБСЕ за дискриминацијата што Владата во Софија континуирано ја врши врз Македонците во Бугарија и да побара извршување на 17-те пресуди против Бугарија од Европскиот суд за човекови права во Стразбур по тужби од Македонците во Бугарија!