Фото: ЕПА

Различни ставови за војната во Иран отвораат дебата за теолошки доктринарен јаз

Во услови на зголемени геополитички тензии околу Иран, во меѓународната јавност сè погласно се забележуваат разлики во ставовите меѓу различни христијански кругови, што дел од аналитичарите го оценуваат како потенцијален идеолошки јаз во рамките на христијанството.
Од една страна, папата Лав и претставници на Католичката црква во повеќе наврати повикуваат на воздржаност, мир и дипломатско решавање на конфликтите, нагласувајќи дека војната не смее да биде средство за решавање на меѓународните спорови.
Од друга страна, во дел од протестантските и евангелистички кругови во САД, поврзани со политичкиот спектар околу Доналд Трамп, се појавуваат поинакви реторики. Одредени гласови ја поддржуваат поострата политика кон Иран, при што некои коментатори користат религиозен речник за да ја опишат геополитичката конфронтација, иако ваквите ставови не се универзално прифатени во протестантскиот свет.
Дел од експертите предупредуваат дека навистина јазот меѓу католиците и протестантите станува сѐ подлабок, а друг дел од експертите, пак, велат дека ваквите разлики се традиционален сегмент на разлики на толкувањето на појавите во светот и дека не претставуваат формален „раскол“, туку повеќе одраз на историски различните традиции во толкувањето на верата, улогата на државата и концептот на „праведна војна“.
Сепак, засилената употреба на религиозна реторика во политички контекст отвора прашања за тоа како верските убедувања се користат во оправдување на современите конфликти. Аналитичарите со кои се консултиравме издвојуваат дека иако христијанството останува длабоко разновидно, сегашните случувања ја нагласуваат потребата од внимателно разграничување меѓу верата и политиката, особено во периоди на глобална нестабилност.

Додека тензиите околу Иран растат, сè појасно излегуваат на површина спротивставени ставови што задираат во самата срж на религијата

На едната страна е папата Лав, кој упорно повикува на мир, дијалог и прекин на воената реторика, предупредувајќи дека „војната е пораз на човештвото“. Ватикан инсистира дека ниту една геополитичка цел не може да ја оправда човечката цена на конфликтот.
Но од другата страна, дел од влијателните протестантски и евангелистички кругови во САД, блиски до политиките на Доналд Трамп, испраќаат сосема поинаква порака. Во јавниот дискурс се појавуваат остри изјави што го претставуваат конфликтот со Иран како морална и цивилизациска битка, а во екстремни случаи дури и како „света должност“.
Оваа реторика предизвикува непријатност и реакции за тоа дали верата се користи како оправдување за војна? И дали политиката ја турка религијата кон опасна територија?
Иако експертите предупредуваат дека не станува збор за формален раскол како во времето на реформацијата, сè погласни се оцените дека јазот никогаш не бил подлабок. Разликите околу концептот на „праведна војна“, улогата на Западот и односот кон Блискиот Исток повторно ги отвораат старите рани меѓу христијанските традиции. Прашањето што сепак се наметнува е дали ова е само момент на политичка турбуленција или, пак, некаков конкретен зачеток на ново идеолошко разидување што ќе ја редефинира улогата на христијанството во светот? П.Р.


Илустрацијата на Трамп како Христос го продлабочува јазот
меѓу христијанските заедници?!

Илустрација на која Доналд Трамп е прикажан како Исус Христос и „нов пророк“ предизвика бурни реакции и нов бран тензии меѓу христијанските заедници.
Во католичките кругови, ваквите претстави се доживуваат како сериозна навреда на верата и религиозните симболи. Извори блиски до ставовите на папата Лав јавно предупредуваат дека „политизацијата на свети фигури претставува опасен преседан што го поткопува достоинството на религијата“!
Контроверзноста дополнително се засилува во контекст на сè почестите вербални напади врз папата, што, според критичарите, создава атмосфера на поделби и недоверба. За нив, ова не е само прашање на вкус или слобода на изразување туку симптом на подлабок судир околу вредностите што христијанството треба да ги застапува.
Од друга страна, поддржувачите на Доналд Трамп ги толкуваат ваквите претстави како симболичен израз на лидерство и мисија, а не како религиозна замена или навреда, што дополнително фрла контроверзија во јавните перцепции на оваа тема.
Аналитичарите оценуваат дека ваквите настани повторно ги изнесоа на површина старите човечки дилеми, односно „дали христијанството треба да остане глас на универзалните вредности – мир, смирение и помирување“ или, пак, христијанството „да се вткае во политички и идеолошки битки каде што реториката на конфликтот сè повеќе доминира“?!
Во сенка на овие судири, прашањето станува сè поизразито. Дали станува збор за изолирани провокации или за постепено редефинирање на границите меѓу верата, моќта и политиката? П.Р.


Од крстоносните походи до Иран – како старите теолошки линии повторно ја обликуваат современата геополитика

Христијанството и војната во Иран: Стар спор во ново руво

Денешната поделба меѓу католичкиот антивоен тон и евангеликалната подготвеност за оправдување на силата не е историски преседан. Напротив, таа е најнова фаза од долгата и често противречна историја на христијанството во однос на војната. Конфликтот со Иран само ја активира старата дилема: дали христијанството е вера на мирот или може да стане идеолошка рамка за војување?

Од пацифизам до „праведна војна“

Во раното христијанство доминира јасен пацифистички став. Првите христијани, инспирирани од пораките на Исус Христос, одбивале воена служба и го гледале насилството како неспоиво со верата. Но со легализацијата на христијанството во Римската Империја, започнува трансформација. Клучна фигура е Августин од Хипо, кој ја формулира идејата за „праведна војна“ – концепт што ќе стане темел на католичката етика. Подоцна, Тома Аквински дополнително ги прецизира условите под кои војната може да биде морално оправдана. Оваа традиција, иако дозволува употреба на сила, секогаш ја третира војната како трагичен исклучок – став што денес го реафирмира Ватикан во контекст на Иран.

Крстоносните походи: Кога верата станува оружје

Историјата, сепак, покажува дека теоријата и практиката често се разминувале. За време на крстоносни походи, црквата не само што дозволува туку активно промовира војни во име на верата. Во тие конфликти, религијата станува директен мотив за насилство, а идејата за „света војна“ добива институционална форма. Овој период често се користи како историски аргумент од критичарите што тврдат дека христијанството има вградена способност да легитимира насилство. Но токму поради ваквите искуства, современата католичка позиција станува значително поопределена кон мирот.

Реформацијата и новите интерпретации

Со протестантска реформација, христијанството се фрагментира, а со тоа се множат и интерпретациите за војната. Некои протестантски струи развиваат силен пацифизам (како анабаптистите), додека други, особено во контекст на националните држави, ја прифаќаат војната како легитимно средство за заштита на интересите. Оваа плурализација отвора простор за денешните разлики: нема единствен авторитет што би ја дефинирал „христијанската“ позиција за војната.

Фото: ЕПА

Студената војна: Религијата во служба на идеологијата

Во 20 век, за време на Студената војна, христијанството повторно станува дел од глобалниот идеолошки судир. Во САД, религијата често се користи за оправдување на борбата против комунизмот, претставен како „безбожна закана“. Овој период е клучен за развојот на модерниот евангелизам, кој сè повеќе се поврзува со националната политика и воената стратегија. Тука се поставуваат темелите на денешниот спој меѓу верата и геополитиката што го гледаме во односот кон Иран.

Ирак во 2003 г. како директен претходник на сегашната поделба

Една од најблиските историски паралели е инвазијата на Ирак во 2003 година. Тогаш папата Јован Павле Втори силно се спротивстави на војната, предупредувајќи дека таа не ги исполнува критериумите за „праведна војна“. Од друга страна, значителен дел од американските евангеликалци ја поддржаа интервенцијата, гледајќи ја како неопходна и морално оправдана.
– Речиси идентична шема се повторува и денес со Иран. Ако се погледне низ историска призма, денешната ситуација изгледа како синтеза на повеќе стари модели. Имено, католичката воздржаност е резултат на векови теолошко преиспитување, а од друга страна евангелистичката поддршка за војната има корени во модерната американска историја. Затоа, стои констатацијата дека „политичката инструментализација на верата има длабоки историски преседани“! Разликата е што денес овие позиции коегзистираат во ист глобален медиумски простор, што ја прави поделбата повидлива и поостра – велат нашите соговорници со кои ги споделивме впечатоците за „различните наративи и ставови на христијаните за војната во Иран“, како и за впечатокот за постоење нагласена „политичка инстриментализација на верата“.

Историјата како предупредување

– Историјата покажува дека кога христијанството премногу се приближува до политичката моќ, ризикува да ја изгуби својата морална автономија. Во таа смисла, актуелниот судир околу војната со Иран не е само теолошка расправа туку е еден вид тест за иднината на христијанството како морален глас во светот. Дали ќе доминира традицијата на Августин, со своите строги ограничувања или, пак, логиката на крстоносните походи, во ново, модерно руво? Историјата сугерира дека исходот никогаш не е однапред решен – поентираат нашите соговорници. П.Р.


Како конфликтот со Иран откри длабока теолошка и политичка пукнатина кај дел од христијанството

Католиците наспроти евангелистите: Мир против „света војна“?!

 

  • Војната со Иран не е само геополитички судир. Таа некако како да стана огледало на една длабока криза во современото христијанство. Познато е дека во рамките на христијанството постојат разни групи со разни верувања, кои мошне се разликуваат од култура до култура и од место до место. Од времето на реформацијата, христијанството се дели на три главни гранки како што се католицизмот, источното христијанство и протестантството. Но дали оваа поделба ќе остане јазик на мирот или ќе стане алатка за оправдување на насилството? Одговорот, судејќи според денешните поделби, веќе не е единствен

Во момент кога војната меѓу САД, Израел и Иран влегува во опасна фаза на ескалација, поглаварот на Римокатоличката црква, папата Лав Четиринаесетти, настапува со ретко јасна и конзистентна порака, и тоа дека „оружјето мора да замолчи“!
Неодамна, во серија велигденски обраќања, папата директно повика на прекин на огнот, обновување на дијалогот и отфрлање на логиката на сила. Неговата позиција не е само дипломатска туку длабоко теолошка: „Насилството никогаш не води кон правда и мир“. Во своите проповеди тој оди чекор подалеку, предупредувајќи дека христијанството не смее да се користи како оправдување за воени акции.
Овој став кулминираше за Велигден, кога папата индиректно ги критикуваше политичките лидери што го повикуваат Бога во контекст на војната, нагласувајќи дека Бог „не ги слуша молитвите на оние што водат војни“. Така, Ватикан препознатливо ја продолжува долгата линија на католичко учење за „праведна војна“, кое поставува строги морални услови, а тоа е дека „војната е дозволена само како последно средство, со реални шанси за успех и без поголемо зло од она што се спречува“. Во контекст на Иран, ваквите критериуми стануваат сè потешко одбранливи.

Евангелистичкиот пристап е со поинаков наратив од оној на католиците, дека
војната во Иран е „дел од пошироката борба меѓу доброто и злото“

Наспроти ова, значаен дел од американските евангелисти развиваат сосема поинаков наратив. За нив, војната не е морална трагедија туку, во одредени случаи, и историска и дури божествена нужност.
Дел од евангеликалните лидери отворено ја поддржуваат воената интервенција против Иран, тврдејќи дека таа е „библиски оправдана“ и дел од пошироката борба меѓу доброто и злото. Овој став често се поврзува со силна произраелска теологија, со христијански национализам и со апокалиптични верувања (идејата дека конфликтот на Блискиот Исток е дел од „Божјиот план“). Во такви рамки, војната со Иран не се гледа како морална дилема, туку како исполнување пророштва или нужен чекор во глобалната духовна битка.

Судир на две теологии

Според нашите соговорници, разликата меѓу овие две струи не е само политичка туку суштински теолошка.
– Католичкиот пристап го проповеда мирот како централна христијанска вредност, како и дека војната е трагичен неуспех на човештвото, оти за војната постојат строги морални ограничувања (just war theory) со силен сомнеж кон „превентивни“ удари. Од друга страна, евангелистичкиот (делумен) пристап се огледа во поддршка на Израел како теолошки императив и евангелистичката подготвеност за оправдување на војната како „праведна“ со примеси на религиозен јазик во служба на геополитиката и апокалиптична интерпретација на конфликтите – велат нашите соговорници, додавајќи дека токму ваквиот пристап создава еден интересен парадокс.
Имено, во рамките на истата вера – христијанството, се произведуваат дијаметрално спротивни морални заклучоци за ист конфликт, што е интересно за едно подлабоко научно и теолошко, па и политичко истражување.

Политиката како катализатор на поделбата меѓу католичкиот и евангелистичкиот пристап

Дополнителен фактор е политичката инструментализација на религијата. Реториката на администрацијата на Доналд Трамп, како и изјавите на неговиот министер за одбрана, покажуваат сè почеста употреба на религиозни симболи за легитимирање на воените цели. Овој спој на вера и воена стратегија беше експлицитно критикуван од папата, кој предупреди дека таквата логика е „туѓа на патот на Исус Христос“.
Во исто време, токму ваквиот дискурс наоѓа силен одек кај дел од евангелистичката база во САД, што дополнително ја продлабочува тамошната внатрешна христијанска поделба.
– Во суштина, станува збор за судир меѓу две визии на улогата на христијанството. И тоа, пророчка визија (Ватикан) со црквата како морален коректив на моќта. А на другата страна е империјалната визија (дел од евангелистите), со концептот дека „верата е таа што е потпора на геополитичката сила“. Велигденските пораки на папата јасно ја позиционираат Католичката црква на првата страна. Но растечкото влијание на втората визија, особено во американската политика, покажува дека оваа дебата ќе продолжи – заклучуваат соговорниците. П.Р.