Како една вест стара седум години рециклира етноцентристички страсти на релацијата
- Повод за оваа новинарска опсервација е новинарската „вест“ дека деновиве „на повеќе локации во северниот дел на Грција се појавиле летоци со пораки со идејата за автономна Македонија“…, што е далеку од вистината. Медиумите повторно потфрлија, без разлика дали тоа било од небрежност или со умисла, а резултатот од тоа е „труење на јавноста со лажни информации“. Обновувањето на наративот за „автономна Македонија“ во северниот дел на Грција е „насилен упад“ во професионалните принципи и стандарди на новинарството, со обид да се предизвика висок степен на политички стрес и во Скопје и во Атина, а и на релацијата Скопје-Атина, веројатно со одредена цел…
Деновиве регионалните медиуми, рециклирајќи стара новинарска вест како актуелна, направија „насилен упад“ во професионалните принципи и стандарди на новинарството, со обид да предизвикаат висок степен на политички стрес и во Скопје и во Атина, а и на релацијата Скопје-Атина.
Имено, во „старо-новата“ новинарска вест се вели дека „на повеќе локации во северниот дел на Грција се појавиле летоци со пораки со идејата за автономна Македонија“, дека „летоците биле забележани во неколку населени места, по што темата се проширила и на социјалните мрежи“. Во веста исто така се вели дека „грчките медиуми немаат информација од надлежните органи за тоа кој стои зад нивното печатење и дистрибуција, но се претпоставува дека зад иницијативата би можеле да стојат поединци или групи поврзани со македонската заедница во тој дел од земјата“. И тоа беше поводот што ги распали националшовинистичките страсти кај одредена поголема група граѓани, а за што немаше никаква објективна ниту вистинита основа.
Всушност, ништо од ова не се случило деновиве, ниту месециве, ниту во изминатите пет-шест години. Веста е направена заради одредени околности, а е рециклирана како опис за настан од 2019 година, при што од небрежност или со умисла некои медиуми и социјални мрежи ја рефрешираа како актуелна. Прашањето е зошто го сторија тоа?
Спектакл на заблуди
Летоците со пораки за „автономна Македонија“ во северниот дел на Грција се тема што иако изгледа сензационалистички, всушност е одамна завршена епизода без институционална тежина и без реална политичка основа. Овој феномен, познат како „бајата манџа“, ја открива слабоста на медиумската сцена, на која наместо да се гради критичка свест и да се поттикнува рационална дебата, се рециклираат сензационалистички теми од минатото, кои создаваат лажна слика за наводни закани и непостојни инциденти. Така се храни културата на сензационализам, а јавноста се доведува во заблуда. Во суштина, приказната за летоците преку кои се повикува на автономна Македонија во северниот дел на Грција, која потекнува од 2019 година, повеќе е театар на сенки отколку политика, една симболичка игра на националистичкиот дискурс, кој се храни со празни симболи и измислени непријатели. Но денес, проблемот е уште поголем. Од добро познати причини и во внимателно одбран момент, одредени регионални медиуми повторно ја рециклираат оваа „вест“ како актуелна, со што придонесуваат за спектаклот на заблуди.
Стара приказна, нова сензација
Последниве денови повторно се појавија информации за летоци со пораки за „автономна Македонија“ во северниот дел на Грција. Но вистината е едноставна и јасна.
– Ова не е нова приказна, туку повторно оживување на одамна завршен настан без институционална тежина и без реална политичка основа. Станува збор за епизода од 2019 година, кога групи грчки националисти фрлаа летоци за да создадат вештачка сензација. Тоа беше обид да се произведе медиумска бура од ништо. Тоа е класичен пример на празна тема што служи единствено за одржување на националистичкиот наратив и за изигрување патриотизам пред домашната публика – вели нашиот соговорник, кој е добро упатен во оваа проблематика.
Тој додава дека за случајот не реагирале ни грчките власти со сериозност, ниту пак имало институционални последици.
– Сцената беше повеќе театар отколку политика, тоа беше една симболичка игра на сенки, каде што летоците беа само хартиени маски за прикривање на внатрешните стравови и за одржување на митот за „надворешна закана“ – истакнува нашиот соговорник од Република Грција.
Овој случај ни покажува како национализмот често се храни со празни симболи и со измислени непријатели. Наместо да се соочи со реалните предизвици како што се економски, демографски или културни, случајот создава спектакли од хартија и зборови. Летокот станува алатка за илузија, а сензацијата еден вид начин да се одржи вниманието на јавноста.
– Во суштина, приказната за автономна Македонија на грчкиот север е повеќе огледало на внатрешните слабости на грчкиот националистички дискурс отколку реална закана. Таа е доказ дека празните симболи можат да се претстават како големи настани, но нивната тежина исчезнува веднаш штом ќе се погледне зад завесата – вели нашиот соговорник од Р Грција.
Македонските медиуми меѓу одговорноста и сензационализмот
Она што денес навистина е проблематично, не е самиот леток од 2019 година, туку фактот што дел од македонските медиуми повторно ја рециклираат оваа „вест“ како актуелна. Со тоа се создава лажна слика за некаква нова закана или инцидент и се поттикнува сензационализам без основа, како да се оживува сенка од минатото и се претставува како свежа реалност. Новинарството не смее да се претвори во платформа за подгревање „бајата манџа“.
– Во суштина, новинарството е повикано да биде филтер на вистината, а не фабрика за сензации. Да се објави остарена приказна како актуелна значи да се изигра улогата на чуварот и да се претвори во гласник на заблуди. А тоа е најголемата опасност – медиумите да ја изгубат својата морална тежина и да станат само уште една сцена во театарот на националистичкиот спектакл – смета нашиот соговорник.
Затоа, потребна е проверка на фактите. Кога медиумот ја губи способноста да разликува што е навистина ново, а што е само повторување на старо сценарио, тогаш тој ја губи и својата кредибилност. Оваа практика е опасна не само затоа што ја збунува јавноста туку и затоа што ја храни културата на сензационализам. Наместо да се гради критичка свест и да се поттикнува рационална дебата, се создава атмосфера на постојана вознемиреност и лажни аларми. Така, медиумите стануваат дел од проблемот наместо дел од решението.
Затоа, македонските медиуми мора да се однесуваат одговорно и професионално бидејќи повторното оживување стари теми не носи ништо, освен забуна, сензационализам и создавање илузии за закани што одамна не постојат, што може да ги влоши меѓудржавните односи и негативно да влијае врз положбата на Македонците во Грција.
– Македонските медиуми треба да бидат сериозни, да ја проверуваат содржината и да даваат контекст на информациите, а не да се занимаваат со сензационализам и рециклирање на остарени приказни – наведува нашиот соговорник. Д.Ст.

































