Фото: МИА

Албанскиот опозициски блок „Европски сојуз за промена“, денеска, на прес-конференција пред Министерството за правда велат дека измените на Кривичниот законик се донесени во служба на екс-премиерот Никола Груевски.

Ова доаѓа откако деновиве екс-премиерот Никола Груевски беше ослободен од обвинение во предметот „Траекторија”, за изградба на автопатот Кичево-Охрид, како и по барањето на Јавното обвинителство, Груевски да биде ослободен од обвинението во предметот „ТНТ”.

– Продолжуваме да бидеме сведоци на играта од власта предводена од СДСМ и ДУИ за „спасување на Груевски“. Пред неколку дена екс-премиерот Никола Груевски беше ослободен од обвинение во предметот „Траекторија” за изградба на автопатот Кичево-Охрид, каде што буџетот на државата беше оштетен за вкупно 155 милиони евра. Сега согласно последните измени во Кривичниот законик, Јавното обвинителство побара Никола Груевски да се ослободи и од обвинението во предметот „ТНТ”, каде што поради политичка одмазда буџетот на државата беше оштетен со 11 милиони евра – велат од албанскиот опозициски блок.

Тие велат дека секој кој што ја попречувал правдата ќе сноси одговорност и ќе одговара пред Законот и правосудните органи. Од албанскиот опозициски блок прашуваат колку години затвор, со измената на Кривичниот законик, му се простуваат на Груевски, и колку пари на граѓаните се злоупотребени со кривичните дела од кои Груевски е ослободен од обвинение.

-Не мора да бидете ниту аналитичар, ниту политичар за да разберете дека измената на Кривичниот Законик е направена само и само во служба на Груевски, Мијалков, Јанкуловска и на другите како нив. Резултатот се гледа и е на повидок. Се обидуваат да се оправдаат со европска интеграција, а граѓаните не добиваат ништо освен амнестија на криминалците. Граѓаните треба да знаат дека овој подарок го имаат од ДУИ и Али Ахмети, а ќе продолжиме да слушаме дека случаите како „ТНТ“, „Тенкови“,„Титаник“, „Траекторија“, „Талир”, „Таргет-тврдина”, еден по еден паѓаат во вода. Колку години затвор Ахмети му спасил на Груевски со промената на Кривичниот законик и колку пари на граѓаните се злоупотребени со овие кривични дела од кои Груевски е ослободен од обвинение, прашува албанскиот опозициски блок „Европски сојуз за промена“, од пред Министерството за правда.