Фото: МИА

Работната група, во потесен состав, минатата недела на тридневна сесија, во техничка смисла го исчисти текстот на законот. Тој е уреден, во текот на оваа недела е доставен до целата работна група, вклучително и на Блупринт групата, да дадат свои забелешки на финалниот текст и тој после тоа ќе биде официјално предаден на Министерството за правда за понатамошно постапување – изјави академик Владо Камбоски, дел од работната група која го изработува новиот Кривичен законик.

Во изјава за медиуми пред настанот „Законот за амнестија и процесот на ресоцијализација и реинтеграција на претходно осудените лица во Македонија“ што денеска го организираше Македонското пенолошко друштво, Камбовски не одговори конкретно дали намалувањето на казните согласно последните измени на Кривичниот законик остануваат и во новиот.

– Дали се истите или не, не можам да кажам во моментот, бидејќи таму се направени казнени рамки кои се усогласувани за повеќе дела. Во јавноста е најинтересен членот „злоупотребата на службената положба“ како едно дело. Точно е, постои тоа дело во главата на кривични дела против службената должност, но, постојат и редица други дела за злоупотреба на службената положба кои се во некои други глави. Да речеме, злоупотреба при незаконито вршење на претрес, присилба и така натаму, каде што, исто така, се пропишани соодветни казни – вели тој.

Како што дополни, настојуваат да дојде до усогласување казните предвидени за посебните дела на службените лица и злоупотребата на службена должност како едно општо, но и супсидијарно дело.

– Изречно е таму нагласено дека за злоупотреба на службена должност на службено или одговорно лице, треба да се гони ако не се исполнети обележјата на некое друго кривично дело. Ако некој некого незаконито лишил од слобода, нема да се гони за злоупотреба на службена должност, туку ќе се гони за тоа посебно дело. Тоа е тоа усогласување – дополни тој.

Во врска со прашањето дали треба да се изземе амнестијата по барање на претседателот на државата, тој одговори дека на тој дел работела посебна комисија во подготовка на Законот за помилување и нивниот став е дека прво треба да има правосилна пресуда, па потоа претседателот да одлучува.

– За тоа работеше посебна Комисија во подготовка на Законот за помилување и нивниот став е дека треба да биде завршена кривичната постапка со правосилна пресуда за потоа претседателот да реши. Бидејќи искуството ни покажа дека во рани фази помилувањето кое значеше аболиција од гонење на сторителот оставаше многу сомнежи. На крајот од краиштата, дури, да речеме од аспект на тоа лице кое е аболирано, останува сомнежот дека е аболиран како криминалец – рече тој.

Според академикот, како што рече „незгодна практика што ни се случи со поранешните случаи на помилување“ води кон овој, според него, исправен и разумен предлог.

– Нека падне правосилна пресуда, па потоа ќе се реши дали ќе има помилување со причини определени со закон – нагласи Камбовски.