Фото: Маја Јаневска-Илиева

Поранешниот министер за здравство Венко Филипче денеска пред членовите на Анкетната комисија за случајот на Онкологија рече дека пред да стане министер, имало систем со кој не се знаело какви лекови се даваат, особено за пациентите со малигни болести и за дијабетичарите, но дека законот е променет и оттогаш лековите се увезуваат по европски критериуми.

Паралелниот увоз на лекови кој постоел до 2018 година, како што посочи, овозможувал лековите што влегуваат во државата да бидат без сертификат за квалитет.

За тоа што биле набавувани лекови на реверс, Филипче рече дека тоа било направено за пациентите да не останат без лек.

-Реверсот е за пациентите да не останат без лек. Во јануари имате 100 пациенти со една дијагноза. Во март дошле 20 нови, а првите 100 мора цела година да го примаат лекот. Затоа е земан реверсот. Не го оправдувам тоа, ама нема што да прават. Ќе останеле пациентите без лек. Системот треба да се смени – рече Филипче.

Давањето и контролата на лекови, како што рече Филипче, е работа на менаџментот и на главната сестра.

-Давањето, контролата на лекови е работа на менаџментот. Министерот не знае како се даваат терапиите. Тоа е работа на главната сестра, така било секогаш, рече Филипче.

За поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев рече дека е одличен професионалец и дека ако постои сомнеж во неговата работа, тоа треба да се истражи.

Пред пратениците кажа дека не бил запознаен со КАТО-системот кој со години е неупотребуван на Онкологија. За време на неговиот мандат, како што рече, немало пропусти во работата на Клиниката.

Филипче рече дека додека тој бил министер за здравство до него не стигнало информација дека за некој пациент нема лек.

Филипче не знаел дека во 2020 година на Онкологија медицинска сестра крадела цитостатици

Поранешниот министер за здравство на денешната седница на собраниската Анкетна комисија за Клиниката за онкологија одговарајќи на прашањата на пратениците истакна дека до него додека бил министер не стигнала информација оти во 2020 година на Клиниката за онкологија имало медицинска сестра што крадела терапија и пак била вратена на работа.

-Не стигнала до мене информација дека се истражува или дека се случила таква работа тогаш – рече Филипче на Анкетната комисија, што истражува евентуална политичка одговорност за скандалот Онкологија.

Екс-министерот за здравство нагласи дека во неговото министерување се донеле лекови за сите пациенти кои дотогаш ги немало во државата.

-Политичката одговорност треба да се бара претходно, зошто немало лекови, односно имало, ама само за мал број пациенти…Ако имало криминал во мое време, тоа е во рамките на други истражни институции, не на министерот за здравство – рече Филипче.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Анкетната комисија за онкологија, Рашела Мизрахи го праша Филипче како спроведувал тендери кога бил министер за здравство кога не добивал спецификација од Клиниката за онкологија за тоа какви лекови треба, колкава количина.

-Како сте правеле тендери за набавка на лекови кога никогаш не ви доставила спецификација за лекови, количини за лекарствата – праша Мизрахи.

Мизрахи посочи дека ова е тема на која не смее да има било какви политизирања.

-Ниту се обидувам, ниту би се обидела да политизирам ваква тема и ваква расправа во Собранието. Рековте дека немате забелешки на ревизорскиот извештај за Онкологија кој вели дека немало стручен колегиум кој би ја има соодветна листа, а ревизорот достави листа до сите пратеници и доказ за тоа еве ја листата нема ништо. Како правите тендер за одредени лекови за количини кога никогаш не ви доставиле спецификација – му посочи Мизрахи на Филипче.

Филипче истакна дека сите набавки се прават врз основа на листа и спецификации на лекови кои што доаѓаат од клиниките.

-Сите набавки се прават врз основа на листа и спецификации на лекови кои што доаѓаат од клиниките. Тоа е тој документ кој Министерството го добива и прави еден процес на набавка. Значи, целата таа спецификација доаѓа со овластување таа да се спроведе од Управниот одбор на институцијата. Управниот одбор ја дава листата на лекови и спецификации, количини и пресметани итн.. со овластување тоа да го направи Министерството. И тоа е стигнато како документација од сите клиники за кои таа постапка е направена. Не знам зошто ја проблематизирате? Не знам дали сакате да политизирате или не? Меѓутоа, таа постапка им обезбеди најсовремен третман на сите пациенти кои што до тогаш тоа го немаа во континуитет без никаков прекин во целокупниот тек на лекувањето – рече тој.

Околу економскиот директор на Клиниката за онкологија Нехат Нухи, чија мајка лежела на Онкологија и била на листата за чекање за лекови а не била болна од рак, екс министерот рече дека немал многу време за да соработува со него, но дека „се нашол“ додека траела епидемијата со ковид-19. Лично сепак смета дека треба да има само еден директор на клиниките и тој да биде од медицинската фела која ја разбира работата.

Седницата на Анкетната комисија за Онкологија продолжува и попладне со сослушувањето на актуелниот министер за здравство Изет Меџити.