Системот на рестриктивни мерки на САД за санкционирање на корумпирани политичари на Западниот Балкан е од исклучително значење за борба против корупцијата, порача првиот вицепремиер задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, додавајќи дека Македонија има стратешки дијалог со Соединетите Американски Држави, како и посебни форми на соработка.

Тој во рамки на посетата на САД денеска учествуваше на панел-дискусијата на тема „Односи ЕУ-САД: Градење колективна безбедност во свет кој се менува“.

На конференцијата, Маричиќ ја истакна соработката со САД со стратегијата за поддршка на Западен Балкан базирана на три принципи – јасна агенда, силна поддршка и константно присуство.

– Северна Македонија има воспоставено стратешки дијалог со Соединетите Американски Држави, посебни форми на соработка, каде што системот на рестриктивни мерки на САД за санкционирање на корумпирани политичари на Западниот Балкан е од исклучително значење за борба против корупцијата, и ќе помогне во регулирање и реформирање на системот на патот кон ЕУ. Решавањето на предизвиците како што се корупцијата и промовирањето на интеграцијата се од суштинско значење за постигнување на оваа цел – посочи Маричиќ.

Тој истакна дека присуството и поддршката на американските политичари се од витално значење во борбата против корупцијата на нашиот евроинтергативен пат. Како што рече, ангажманот и соработката со американските политичари ја зајакнува нашата посветеност на демократските вредности и ги зајакнува трансатлантските партнерства.

– Посветени сме на поттикнување на регионалната соработка преку редовни посети и дијалог. Зајакнувањето на партнерствата во рамките на Западен Балкан и со сојузниците во НАТО е од клучно значење за унапредување на заедничките цели и справување со заедничките предизвици – додаде Маричиќ.

Како што напомена, претстојните европски избори имаат значајно значење во обликувањето на иднината на Европа. Тој потенцираше дека од суштинско значење е да се истакнат прогресивните перспективи на младите генерации кои се залагаат за европско единство и соработка.

– Исходот од европските и локалните избори во Западен Балкан ќе има големо влијание врз идната траекторија на регионот. Овие избори претставуваат клучни пресвртници во нашето колективно патување кон стабилност и просперитет – рече Маричиќ.

На конференцијата беше истакната и геополитичката ситуација во Европа, со нагласена важност од креирање на иднина која ќе значи безбедност и стабилност во регионот.

На панел-дискусијата учествуваа и Јовита Нелиупсиене, евроамбасадорката во САД, Кристофер Смарт, основач на Аброт Груп, додека модератор на панел дискусијата беше Џереми Шапиро, директор за истражување од Европски совет за надворешни односи.