Фото: Архива

Наставници и друг наставен кадар што има искуство за работа со ученици што имаат тешкотии за совладување на училишниот материјал им помагаат на основците што се соочиле со предизвици при следењето на наставата. Тој модел е т.н. туторска настава, чија цел е пополнување на празнините во знаењето по предметите Мајчин јазик, Англиски јазик, како и Математика, за да се спречат негативниот одраз и дефицитот на знаења во понатамошните образовни нивоа. Во Битола беше спроведен успешен проект на туторска настава во основно училиште

Во Битола иновативни методи во образовниот процес

Од април до декември 2023 година, Општина Битола, во соработка со ОУ „Ѓорѓи Сугарев“, реализира туторска настава, како партнер-општина, со средства обезбедени во програмата „Ромактед 2“, за „Промовирање на добро управување и зајакнување на Ромите на локално ниво“, како дел од акцијата „Постковид–19 мерки за превенција и закрепнување во образованието за деца и возрасни“, финансирана во рамките на заедничкиот проект на Европската Унија и Советот на Европа.
Со туторската настава беа опфатени над 70 ученици од второ, трето и четврто одделение, а ја спроведуваа шест тутори, раководени од еден консултант. Градоначалникот Коњановски ги посети учениците што беа вклучени во туторската настава, најавувајќи нејзино продолжување со финансиска поддршка од општинскиот буџет.
– Обврските на ангажираните тутори беа да овозможат поддршка по предметите: Математика, Македонски јазик и Англиски јазик, да ги привлечат и заинтересираат учениците за наставните предмети, како и да им го олеснат процесот на стекнување знаења и совладување на наставниот материјал. Како поддршка за туторската настава, преку проектот „Ромактед“ беа набавени и материјали за учениците и туторите, кои им помогнаа за поквалитетно изведување на туторската настава – изјави градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.
Градоначалникот притоа додаде дека поради тоа што кај учениците има видливи резултати од одржувањето на туторската настава, а и родителите се многу задоволни, Општина Битола одлучила да продолжи наставата и во второто полугодие, со што издвои средства од сопствениот буџет за продолжување на туторската настава и ангажирање шест тутори преку јавен повик од февруари до крајот на оваа наставна година.

– На овој начин, како општина им даваме поддршка на учениците Роми што се соочуваат со одредени тешкотии во образовниот процес, имајќи ја предвид и социјалната компонента и создавајќи еднакви можности за учење и напредување на секој ученик, што е од клучно значење за напредокот и позитивните промени во еден град – додаде градоначалникот Коњановски.
Значењето на туторската настава беше потврдено и од туторите и од учениците.
– Благодарение на успешното функционирање на оној триаголник, родител, наставник, ученик, постигнавме големи резултати со туторската настава. Беше направен увид на потребите на учениците, а со континуирана поддршка на родителите обезбедивме редовно и навремено посетување на туторската настава. Наставата се одвиваше по редовната настава, што значи, децата по петтиот и шестиот час остануваа дополнителни 60 минути, четири-пет дена во неделата. Тоа е за поздравување и ние бевме многу задоволни од опфатот и соработката со децата и имавме најголема вклученост на деца, 70, за разлика од другите општини каде што имаше до 30 – изјави Наташа Тодоровска, одделенска наставничка, консултантка и туторка.
Директорот на училиштето „Ѓорги Сугарев“, Роберт Филиповски, изрази благодарност до градоначалникот и програмата „Ромактед 2“, нагласувајќи дека донесената одлука од општината туторската настава да продолжи, навистина е за поздравување, затоа што кај учениците е забележан е видлив напредок со постигнати големи резултати.
М.М.