Антонио и Верица Арнаутовски

Наша главна задача како луѓе е да не ја загадуваме околината. Тоа би го зачувало и пчеларството како дејност, истакнува пчеларот Зоран Зоксимовски

Сторија во рамките на регионалниот проект „СМАРТ Балкан – Зајакнување на улогата на медиумите во справувањето со климатските промени“

Антонио и Верица Арнаутовски веќе подолго време одгледуваат пчели во недопрена природа во селото Владимирово, Беровско. Тие практикуваат одржливо пчеларство, се грижат за природата и за пчелите и во континуитет се залагаат за издигање на свеста за значењето на пчелите за природата, нивна заштита и унапредување на нивната животна средина.
– Медоносните пчели се едни од најстарите економски значајни живи организми што активно се одгледува пред сѐ заради позитивниот ефект што го имаат пчелните производи врз човековото здравје, а потоа и заради економската бенефиција – посочува Антонио.
Според нив, пчелите преживеале многу климатски непогоди, но денес, поради човековите активности со прекумерна употреба на пестициди и намалување на површините поволни за хранење, директно се влијае врз животот на пчелите и нивната работа.
– Развивањето на свеста кај луѓето за значењето на пчелите во природата и потребата од здрава животна средина ја зголемува одговорноста кон животната средина и ублажувањето на климатските промени, а со тоа и грижата за самите нас и секој жив организам на планетата – дополнува Верица.
Тие на разни начини, но пред сѐ преку едукативни средби со земјоделците, постојано се обидуваат да укажат на заканите за пчелите и грижата за пчелите преку правилна употреба на пестицидите и одржливо земјоделство. Климатските промени пред сѐ влијаат врз фазите на развојот на пчелните семејства, а тоа директно влијае врз квантитетот на пчелните производи.
– Во април и мај има изобилство полен од растенијата, што треба да придонесе кон брз развој на пролетните пчели. Меѓутоа последните неколку години во нашиот регион, Малешевијата, во овие месеци кога пчелните семејства треба да се развиваат, има периоди со постојани врнежи, при што потрошувачката на храна е поголема од внесувањето во кошниците, а тоа го одложува периодот на развој на пчелните семејства – нѐ информира Антонио.
По овој период, во јули се зголемуваат температурите и има сушен период без дождови, па доаѓа до скратување на периодот на вегетација на повеќе медоносни билки. Заради приспособување на климатските промени тие се принудени да бараат алтернатива преку засадување медоносни растенија што поднесуваат при поголеми суви периоди (фацелија, лаванда итн.).

– Во втората половина од годината, сушниот период што го имавме лани предизвика недостиг од полен во септември, за создавање зимска пчела, па зимава пчелните семејства се со помал број единки, кои се потребни да ја одржуваат температурата во клубето што го формираат во зимскиот период – објаснува Антонио.
И Зоран Зоксимоски е долгогодишен пчелар. Тој се занимава со одржливо пчеларство околу седум години и има 120 пчелни семејства, кои се наоѓаат селото Горно Јеловце, Гостиварско.
– Одржливото пчеларство е важно бидејќи пчелите помагаат во опрашувањето на растенијата, што ни помага да имаме повеќе храна. Во суштина, одржливото пчеларство ни помага да имаме здрава околина и поголема општа добивка. И од овие причини се одлучивме и ние да примениме одржливо пчеларство. За одржливото пчеларство се грижиме преку примена на практики што го заштитуваат здравјето на пчелите и нивните колонии. Тоа вклучува избегнување употреба на штетни хемикалии, осигурување добра исхрана и стабилни услови во кои пчелите ќе живеат – истакнува Зоран.
Како што вели тој, климатските промени им се можеби најголемиот непријател на пчелите и на пчеларите. Временските услови секоја година се сѐ помалку предвидливи. На пчелите им штети тоа што зимите се пократки и потопли, обилните но краткотрајни дождови, долгомесечните суши.
– Со прости зборови, тоа што по неколку ладни недели доаѓаат доста топли денови, и сѐ така одново, им пречи бидејќи ги „лаже“ пчелите. Сето тоа влијае на цветањето на растенијата и достапноста на храна за пчелите – ни посочи Зоран.
Единствен проблем за него се климатските промени. Тој смета дека е потребна поголема едукација на населението.
– Помладите генерации треба да се едуцираат за бенефициите што ги добиваме од пчелите доколку се грижиме за животната средина, бидејќи сепак без нив планетата Земја би била речиси невозможно место за живот. Наша главна задача како луѓе е да не ја загадуваме околината. Тоа би го зачувало и пчеларството како дејност – истакнува Зоран.

Помалку пчели, помалку мед

Проф. д-р Александар Цветковиќ од Катедрата за биологија и патологија на риби, пчели и дивеч од Факултет за ветеринарна медицина смета дека главни причини за намалувањето на популацијата на пчелите се болестите предизвикани од паразити, вируси, бактерии и габи, кои може да доведат до брзо или постепено угинување на пчелите. Исто така урбанизацијата, уништувањето на шумите и секојдневните земјоделски практики може да доведат до губење и фрагментација на природните живеалишта на пчелите и значително да ја намалат достапноста на природна храна. Употребата на одредени пестициди или употребата на недозволени пестициди за заштита на растенијата може директно или индиректно да им наштети на пчелите преку негативното влијание на природните извори на храна, нарушувањето на нивната ориентација и угинување. И секако глобалното затоплување, ненадејните промени на времето и екстремните временски услови може да придонесат кон намалување на способноста на пчелите за пронаоѓање природна храна и да го нарушат природниот процес на размножување.
– Пчелите се есенцијални и незаменливи опрашувачи на многу прехранбени култури. Намалувањето на нивната популација може да се манифестира со намалени приноси на земјоделските култури и, последично, повисоки цени на храната, што, од друга страна, е и закана за безбедноста на храната и исхраната. Исто така со намалувањето на нивната популација ќе има и помалку пчелни производи, кои пак имаат незаменлива улога во секојдневниот живот и индустријата. Важно е да се спомене губењето на биолошката разновидност. Пчелите имаат клучна улога во одржувањето здрави екосистеми. Намалувањето на нивната популација може да има негативни ефекти врз други животински, но и растителни видови – подвлекува нашиот соговорник Александар Цветковиќ.
Она што тој смета дека е итно потребно се пред сѐ издигањето на јавната свест и едукацијата за местото, улогата и значењето на пчелите во природата и во нашиот секојдневен живот, заедно со намалувањето на употребата на пестициди, добрите пчеларски практики, употребата на нови лекови за контрола на болестите, диверзификацијата на земјоделското производство и заштитата на биолошката разновидност се мерки што мора да ги преземеме доколку сакаме да го спречиме намалувањето на популацијата на пчелите.
– Неопходни се и континуиран научен пристап и соработка на научниците со сите засегнати страни за развој и имплементација на ефективни стратегии за зачувување и зголемување на популацијата на пчелите – посочува професорот Цветковиќ.

Значителни загуби на пчелните семејства, особено во зимскиот период

Според Александар Узунов, професор на Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје, кој има повеќе научни трудови за медоносните пчели и кој се залага за нивно зачувување, пчелите и климатските промени треба да се разгледаат од повеќе агли.
– Кога станува збор за влијанијата на климатските промени врз медоносните пчели, тоа може да се разгледува од аспект на реакција на медоносните растенија, што секако резултира со промени и кон достапноста на нектарот и поленот како ресурси за медоносните пчели. Од тоа следува и влијанието врз сезонскиот и, секако, годишниот развојот на пчелните семејства. Со втората точка е поврзан одговорот на пчеларите, особено во однос на адаптацијата на традиционалните или постојните технологии на одгледување кон новите услови – посочува Узунов.
Според него, треба да се спомене и појавата на патогени и штетници поради настанатите промени. Во последните неколку години се зголемува ризикот, а наедно и реално е присутна опасноста од т.н. инвазивни и потенцијално штетни видови за медоносните пчели од Медитеранскиот Регион. Оттука е голем и ризикот за македонското пчеларство. Специјален осврт треба и во однос на контролата на ектопаразитот, односно крлежот Varroa destructor, како најголем и присутен предизвик за македонските пчелари, кој придонесува за значителни загуби на пчелните семејства, особено во зимскиот период.
Како што вели Узунов, влијанието на медоносните пчели кон другите видови опрашувачи (и обратно) е дополнителен „универзум“, кој најчесто се игнорира.
– Ова е интересно поради тоа што комерцијалното и интензивно пчеларење (кое најчесто се карактеризира со голем број пчелни семејства на ограничен простор) веројатно врши притисок на другите видови во однос на достапноста до ресурсите и наедно го зголемува ризикот од трансфер на патогени – дополнува Узунов.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) споделија дека досега не е спроведено подетално истражување за влијанието на климатските промени врз популацијата на пчелите.
– МЖСПП е во фаза на почнување активности за ревизија на националната стратегија за биодиверзитет, во која ќе бидат таргетирани активности за полинатори – соопштија од МЖСПП.
Останува во некое идно време да се преземат некои посериозни чекори за зачувувањето на пчелите.


Годишно се намалуваат 40 отсто од пчелните колонии

Пчелите имаат клучна улога во зачувување на биодиверзитетот. Тие се главен носител на опрашувањето на растенијата. Животот без пчели би бил живот без храна, без растенија, без иднина. Односно загрозено е опрашувањето кај 75 отсто од растенијата што се користат во исхраната. Некои растенија би изумреле без пчели. Може да се случи колапс на целиот екосистем. Она што е потребно е зачувување на пчелите, намалување на користењето на пестицидите, намалување на ефектот на климатските промени, заштита на земјоделските површини од забрзана урбанизација, спречување на загадувањето на почвите. Зголемувањето на глобалната просечна температура го нарушува циклусот помеѓу цветањето на растенијата и опрашувањето, што резултира со намалено количество на полен, а тоа придонесува годишно да се намалат 40 отсто од пчелните колонии.
Климатските промени се значаен фактор што придонесува за намалување на популацијата на опрашувачите. Затоплувањето на планетата и промените во временските шеми ја менуваат синхронијата помеѓу цветните растенија и нивните опрашувачи, предизвикувајќи нутритивен стрес. Радикалните промени во температурата, сушите и поплавите ги нарушуваат природните опсези на опрашувачите, што ги прави екосистемите несоодветни за процесите потребни за одржување на популациите, како што се презимување, создавање пролетно гнездо и репродукција. Голем број научници развиваат шеми за управување со презимувањето на пчелите и зголемување на опстанокот на колониите, а се обидуваат да истражат и други видови за опрашувачи.


Оваа сторија е продуцирана со поддршка на регионалниот проект „СМАРТ Балкан – Зајакнување на улогата на медиумите во справувањето со климатските промени“, имплементиран од Центарот за промоција на граѓанското општество (ЦПЦД), Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП) и Институтот за демократија и медијација (ИДМ) и финансиски поддржан од Министерството за надворешни работи на Норвешка (НМФА). Содржината на сторијата е единствена одговорност на авторите и не мора да ги одразува ставовите на Министерството за надворешни работи на Норвешка (НМФА).