Како Европа стана плодна почва за пласирање шпионски софтвери? Имено, природно е дека поседувањето компанија со седиште во ЕУ дава повеќе придобивки. Не само што ѝ овозможува на компанијата да добие печат на легитимност за својот производ туку и со единствениот пазар добива лесен пристап до клиентите низ целиот блок на Унијата. И повеќе од тоа…

Разузнавачка афера во ЕУ што го отвори прашањето за производството и продажбата на т.н. „шпионски софтвери“

Шпионска афера повторно е во фокусот на европската јавност. Имено, до претседателката на Европскиот парламент (ЕП), Роберта Мецола, беше испратена порака креирана од т.н. шпионски софтвер. Пораката беше дизајнирана да го „инфицира“ персоналниот електронски уред што го користи токму претседателката на Европскиот парламент, по што истиот тој ќе влезел во системот за надзор на шпионскиот систем за надзор познат под името „Предатор“. Слични обиди за хакирање беа испратени на официјалната адреса на Комисијата за сметки, односно на Емили Хабер, поранешната германска амбасадорка во Соединетите Американски Држави.
А токму „Амнести интернешнал“ го откри случајот за обидот за хакирање. Алармирајќи за случаите, тие нагласија дека „системот му овозможува на напаѓачот да добие целосен пристап до уредите на жртвите, вклучувајќи микрофони, камери, текстуални пораки и апликации“…

„Политико“ објави детали за малигните шпионски обиди, а анализираше и за потеклото на шпионските софтвери и системи

– Не кликнавме на пораката и веднаш ја пријавивме. Мојот телефон е чист – изјави претседателката на Европскиот парламент (ЕП), Роберта Мецола. Таа рече дека верува дека обидот за хакирање е поврзан со „спорот за рибарството меѓу ЕУ и Виетнам“.
Но исклучително индикативно е што шпионскиот софтвер преку кој беше испратена порака до претседателката на ЕП, Роберта Мецола, беше направен и продаден од европска компанија. Пораката беше дизајнирана за да го инфицира уредот на секој што ќе кликне на неа, на софтверот за надзор „Предатор“. Овој софтвер е произведен од „Интелекса“, групација на фирми за производство на технологија за надзор, која е контролирана од холдинг-компанија со седиште во Ирска. Ова се вели и во извештајот на „Амнести интернешнал“, кој го откри случајот за обидот за хакирање.
Имено, споменатата групација на компании под името „Интелекса“, основана од Тал Дилијан, поранешен офицер на израелската армија, е една од најзначајните компании присутни во растечката индустрија за шпионски софтвери во Европската Унија. Компанијата имa канцеларии во Кипар, Грција, Ирска, Унгарија, Чешка и во Франција, како и во Македонија и Обединетите Арапски Емирати, и се рекламира како „компанија со седиште во ЕУ“. „Предатор“ им е продаден на Австрија, Германија и на Швајцарија, како и на влади што, според „Политико“, имаат историја на прекршување на човековите права, како што се Катар, Конго, ОАЕ, Пакистан и Виетнам.

Додека САД презедоа мерки против комерцијалниот шпионски софтвер,
ЕУ избра да не дејствува

Имено, треба да се обрне внимание на фактот дека во врска со проблематиката на т.н. „шпионски софтвери“, Соединетите Американски Држави презедоа конкретни мерки против комерцијализирањето на шпионскиот софтвер, а од друга страна, пак, ЕУ, реши да не преземе никакви дејства. Оттука, ова доведе до зголемување на бројот на фирми на европскиот континент што ги користат предностите на оваа технологија, а секако потпомогнати и со лабавите закони за лиценцирање и извоз.
Недостигот од правила на ЕУ за тоа кој може да користи шпионски софтвер и како, исто така, значи дека голем дел од владите низ целата ЕУ – од министерствата за образование до националните агенции за приходи и органите за спроведување на законот – се изложени на некои од „најнаметливите достапни технологии за надзор“.
– Зачудува тоа што, иако се наоѓа директно во шпионскиот софтвер развиен од компанија со седиште во ЕУ…, ЕУ не може да се ослободи од интересите и да преземе значајна акција – забележува Џон Скот-Рејлтон, постар истражувач во групата за заштита на правата „Ситизен лаб“. Тој истакна дека употребата на врска за шпионски софтвер на јавен форум како што е X укажува дека „пролиферацијата на платенички шпионски софтвер е надвор од контрола“!

Бугарите продаваат шпионски софтвер со реклама дека „успешно се користел за прислушување на телефонот на новинар од Лондон“

Глобалната индустрија на ваков вид технологија се проценува дека вреди околу 12 милијарди долари, но нема веродостоен податок за уделот на Европа во поделбата на „колачот“.
Според истражувањето на „Политико“, истражувачите проценуваат дека речиси секоја земја на ЕУ има барем еден „шампион за шпионски софтвер“: значајни примери се бугарските кругови, кои продаваат производ што се користел за прислушување на телефонот на новинар од Лондон. Исто така, карактеристичен е примерот за чешки производ, односно уредите изработени од Чешка, што украинските безбедносни сили го имаат користено во нивната војна против Русија.
Поседувањето компанија со седиште во ЕУ дава секакви придобивки. Не само што ѝ овозможува на компанијата да добие печат на легитимност за својот производ туку и со единствениот пазар добива лесен пристап до клиентите низ целата ЕУ, и повеќе од тоа.
– Во ЕУ, компаниите за шпионски софтвер го користат фактот дека има разновидна регулатива и формираат канцеларии во земјите членки каде што се знае дека контролата на извозот е слаба – вели Стивен Фелдштајн, експерт во фондацијата за меѓународен мир „Карнеги“ во Вашингтон.
Европа станува почва (за шпионски софтвер) олеснувајќи го извозот на различни алатки. Дури и ако санкционирате една компанија, како со убиството на една од главите на хидра, ќе се појават уште две. Сѐ додека има побарувачка, ќе има понуда, посочува Илија Сијатица, програмски директор за владин надзор во „Праиваси интернационал“.

Европските влади не успеале да финансираат независна технологија за следење на криминалните комуникации, па затоа се обраќаат до приватни
компании за решенија

Индустријата за шпионски софтвер има долга историја во ЕУ што го отвора патот со продажба на софтвер дизајниран да користи лични уреди. Најголемиот настан во европската индустрија за шпионски софтвер се одржува секоја година во зграда на периферијата на Прага. Познат како „ИСС ворлд“, настанот го доби прекарот „Балот на прислушувачите“. На годинашниот настан во јуни учествуваа претставници на полициските и безбедносните сили од Австрија, Германија, Косово, Русија, Шведска, Украина и од 96 други земји. Информациите од претходните години покажуваат дека присуствувале владини делегации од секоја земја на ЕУ, освен од Луксембург. Во 2013 година, присутни беа претставници од европските амбасади на Того, Авганистан, Алжир, Мароко, Русија и на Јемен.
– Не треба да заборавиме дека шпионскиот софтвер е роден во Европа – рече Витор Вентура, водечки истражувач за безбедност во „Циско Талос“.
Стефан Дугуин, директор на Институтот за сајбер-безбедност и поранешен службеник на Европол, рече дека бидејќи владите не успеале да финансираат независна технологија за следење на криминалните комуникации, полициските оддели се обраќаат до приватни компании за решенија.
Претстојниот закон на ЕУ за слобода на медиумите може да им отежни на националните органи за спроведување на законот да користат шпионски софтвер конкретно против новинари. Но комисијата избегна други посилни потези за ограничување на употребата или злоупотребата на шпионски софтвер од различни нивоа на власт.
Законот од 2021 година за ограничување на извозот на технологии како шпионски софтвер досега имаше мало влијание. Комисијата, всушност, не проверува дали тоа се применува од националните влади. Во меѓувреме, во извештајот на парламентарната комисија што го истражува „Пегаз“ се вели дека има „обилни докази“ дека усвојувањето на законот е „слабо и непречено“, при што некои земји намерно го игнорирале.


Шпионскиот софтвер „Пегаз“ на израелската „НСО груп“, според извори од медиумите, беше употребен „за прислушување на опозициските политичари во Унгарија и Полска, беше користен од Мадрид за шпионирање каталонски активисти и политичари и, наводно, употребен во Мароко за шпионирање на француските владини претставници, вклучувајќи го и претседателот Емануел Макрон. Се користеше и за шпионирање на шефот на ’Амазон‘, Џеф Безос, осум месеци, а беше инсталиран и на телефонот на сопругата на Џамал Кашоги, новинарот што беше убиен во амбасадата на Саудиска Арабија во Истанбул“…

Кој е настанот наречен светски „Бал на прислушувачите“?

Најголемиот настан во европската индустрија за шпионски софтвери се одржува секоја година во Прага. Настанот е именуван „ИСС ворлд“, а нагалено го доби прекарот „Балот на прислушувачите“. Во јуни оваа година учествуваа претставници на полициските и безбедносните сили од Австрија, Германија, Косово, Русија, Шведска, Украина, како и од 96 други земји. На настанот учествуваа реномирани компании од Европската Унија.
Главната атракција на „Балот на прислушувачите“ годинава беше израелската „НСО груп“, чиј штанд беше претставен под мотото „Осветлување на темнината“.
Водечкиот производ за шпионски софтвер на споменатата израелска компанија НСО беше софтверот. Имено, „Пегаз“ беше употребен „за прислушување на опозициските политичари во Унгарија и Полска, беше користен од Мадрид за шпионирање каталонски активисти и политичари и, наводно, употребен во Мароко за шпионирање на француските владини претставници, вклучувајќи го и претседателот Емануел Макрон. Се користеше и за шпионирање на шефот на ’Амазон‘, Џеф Безос, осум месеци, а беше инсталиран и на телефонот на сопругата на Џамал Кашоги, новинарот што беше убиен во амбасадата на Саудиска Арабија во Истанбул“, пишува „Политико“.
– Овој шпионски софтвер мора да биде забранет овде во Европа – рече Иван Колпаков, главен уредник на „Медуза“. Р.С.