Фото: Игор Бансколиев

Мудрото водење надворешна политика подразбира користење на сите можности што ги нуди меѓународното право за достоинствена заштита на националните интереси. Од тие причини, единственото орудие на малите земји како Македонија е држење до меѓународното право и меѓународните институции, бидејќи Македонија ја нема таа моќ да наметнува своја игра како што имаат некои други држави

Во актуелниот сложен меѓународен политичко-безбедносен контекст, создаден и одржуван од руско-украинскиот конфликт, повторно се потенцираат парадоксите и двојните стандарди, според кои, очигледно, функционира меѓународната политика. Наспроти декларираните принципи на меѓународното право, главно вградени во основите на сериозните меѓународни организации, во реалното практикување на политиката се чини дека се прифатени „пазарските манири“ на тргување со интереси од страна на моќните, па и помалку моќните чинители на меѓународната заедница, дури и во сериозно кризни ситуации.
Најавите за вето на апликациите за членство во НАТО на Шведска и на Финска, од страна на Турција (но и од хрватскиот претседател Пленковиќ), повторно ја активираа дилемата за приоритетите во меѓународното функционирање на државите – изборот меѓу националниот интерес или заедничката цел, вредностите на „пошироката слика“ и, конечно – принципите на меѓународното право. Македонија, сега како членка на НАТО, но и понатаму во искушение од (не)принципиелноста на меѓународната заедница, поврзано со нејзиното членство во НАТО, речиси хронично е жртва на таквите двојни стандарди во функционирањето на меѓународната заедница. Таквата „хронична состојба“ на уцени и пазарење врз грбот на Македонија, на сметка на прекршување на меѓународното право, сѐ погласно ги артикулира сомнежите за вистинските вредности на кои почиваат големите и моќни меѓународни организации кога допуштаа таков пазарџиски менталитет, наместо почитување критериуми и стандарди.
Додека македонската влада „експресно“ го овласти својот претставник во НАТО да гласа без никакво воздржување за приемот на Шведска и на Финска (иако самата беше долги години пред портите на Алијансата поради грчкото вето), турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека ги известил своите сојузници дека ќе каже „не“ за приемот на двете скандинавски земји во НАТО.

– Посветено ќе продолжиме со нашата политика. Им рековме на нашите сојузници дека ќе кажеме „не“ за членството на Шведска и на Финска во НАТО – изјави Ердоган.
Тој додаде дека Шведска и Финска им даваат засолниште на терористи, ги финансираат и ги снабдуваат со оружје. Анкара вели дека официјалните Стокхолм и Хелсинки поддржуваат луѓе што се поврзуваат со Курдската работничка партија, курдската милиција во Сирија и со Фетулах Ѓулен, кои Турција ги квалификува како терористи.
– НАТО е безбедносна алијанса и не можеме да прифатиме терористи да бидат во неа – ја кажа Ердоган својата позиција, без намера да отстапи од неа.
Во исто време, хрватскиот претседател Зоран Милановиќ изјави дека ќе му наложи на постојаниот претставник на Хрватска во НАТО, амбасадорот Марио Нобило, да гласа против приемот на Финска и на Шведска во Алијансата додека не се измени Изборниот закон во Босна и Херцеговина. Сепак, Министерството за надворешни работи претходно соопшти дека доколку се случи тоа, Нобило ќе ги следи упатствата на Министерството, а не на претседателот. Внатрешната спротивставеност на политичките чинители во Хрватска околу надлежностите за НАТО, сепак, не ја демантира иницијативноста за притисок од одредени држави врз меѓународната заедница за постигнување на сопствените национални интереси.
– Ако треба да бидам виновен, јас сум подготвен (за тоа). Реков и претходно, Хрватите во Босна ми се поважни од целата руско-финска граница – инсистира претседателот Милановиќ, земајќи ја за пример Турција, како земја што „покажува како треба да се бори за националните интереси“.
Гледано од „теоретска перспектива“, позициите на овие две земји-членки на НАТО може да изгледаат како „пазарење“ за сопствен интерес, наспроти големата цел на Алијансата да се прошири до уште една граница на Русија, како контраудар на нејзината инвазија врз Украина.

– Уште еднаш се потврдува во меѓународните односи дека земјите што се повикуваат на својата долгогодишна државна традиција не се откажуваат од своите позиции, стекнатата или наследена моќ и влијанието за да ги остварат сопствените интереси, по цена на сојузништвата и апелите за заедништво во алијансите. Турција се потпира на сите аргументи на нејзината државност, првенствено за постигнување и одбрана на своите интереси, пред интересите на целиот НАТО-сојуз. Иако не со иста тежина и внатрешен политички консензус и Хрватска, преку изјавите на претседателот Милановиќ, покажува став за приоритет на својот национален интерес. Во споредба со ваквите ставови на земји-членки на НАТО се добива впечаток дека Македонија на чуден начин ја спроведува својата надворешна политика. Избрзано, први даваме согласност за секој политички потег на НАТО, па и на ЕУ (иако сѐ уште не сме членка), без размислување дали во одредена ситуација можеме да „одиграме“ за некој наш национален интерес. Премногу брзаме со манифестацијата на послушност, како да заборавивме дека само половина час по објавувањето на пресудата на Меѓународниот суд на правдата од Хаг за ветото на Грција за зачленувањето на Македонија во НАТО, тогашниот генерален секретар на Алијансата, Расмусен, изјави дека таа пресуда нема влијание врз НАТО. Надворешната политика е најчесто поврзана со безбедносни прашања, а Македонија својата надворешна политика ја води избрзано и многу ризично за сопствените национални интереси – вели поранешниот македонски амбасадор Љупчо Арсовски.
Грижата за сопствените национални интереси во контекстот на меѓународната политика, дури и за малите држави, сепак не значи изигрување или непочитување на меѓународното право. Мудрото водење надворешна политика подразбира користење на сите можности што ги нуди меѓународното право за достоинствена заштита на националните интереси.

– Македонија е мала земја, со млада дипломатија и со мачен почеток на својот од низ историјата. Од тие причини, единственото орудие на малите земји како Македонија е држење до меѓународното право и меѓународните институции. Македонија ја нема таа моќ да наметнува своја игра како што има Турција, која сепак е регионална сила. Таква моќ сепак нема ни Хрватска, па ако ѝ успее ветото за Шведска и Финска во НАТО значи дека некои други игри биле во заднина. Впрочем, познато е како помина Словенија со самоиницијативното вето за Хрватска во ЕУ, за кое немаше меѓународна поддршка. Наспроти тоа, уште подобро знаеме (почувствуваме на сопствена кожа) како помина Грција со ветото за Македонија, за кое очигледно е дека имаше меѓународна поддршка. Конечно, гледаме како сега поминува Бугарија со ветото за почеток на македонските преговори за членство во ЕУ, за што сѐ повеќе е јасно видливо дека се кријат други интереси – вели Ивица Боцевски, поранешен вицепремиер за евроинтеграции на Македонија.