АМЕРИКАНСКА НОВИНАРКА СО НАПАД ВРЗ ТРАМП
- Ова обвинување е искажано од угледната новинарка Ен Еплбаум, и тоа токму во угледното списание „Атлантик“. Таа секако е добро информирана, впрочем сопруга е на полскиот министер за надворешни работи Сикорски, но за нас е битно да го видиме и другото лице на овој „пресврт“ во
надворешната политика на САД, кој значи оддалечување од глобализмот на Вашингтон. Дали со тоа се удира во Ахиловата петица на Европа?
Веројатно. Но каде е Македонија во оваа приказна? Ако самите не се пронајдеме, ќе значи дека и овој пат сме ја преспале историјата
Додека Америка се подготвуваше да излезе на избори за Конгресот, кои се спроведуваат во 36 држави на средината на мандатот на претседателот, угледниот американски левичарски медиум „Атлантик“ на 1 ноември објави бомбастична сторија од новинарка добитничка на Пулицерова награда. Станува збор за анализата на Ен Еплбаум, американско-полска историчарка, аналитичарка и новинарка што ги има добиено највисоките награди, а темата за некого е мелем на рана, а за некого сол на рана, во зависност од тоа кон која политичка партија сте приклонети – кон демократите или, пак, кон републиканците. Според Еплбаум, која е во брак со Радек Сикорски, полскиот политичар од врвен калибар, вицепремиер и министер за надворешни работи на Полска, се случува „опасен пресврт“ во надворешната политика на САД. И тука ќе додадеме дека нејзината анализа доаѓа во време кога и во Полска е во тек институционална криза поврзана со Уставниот суд во која во идеолошки конфликт се најдоа владината левица и претседателскиот кампус, кој е од десницата. Дали авторката сака да ни каже дека можеби и Полска е ставена во вителот на тој американски пресврт во надворешната политика?
Кој е пресвртот во надворешната политика на САД?
Еплбаум истакнува дека американската администрација под Доналд Трамп почна директно и без преседан да се меша во внатрешната политика на своите европски сојузници, обидувајќи се да формира и да собори влади на континентот. Како причина за влез во таква анализа таа го посочува дипломатскиот скандал предизвикан од американската амбасадорка во Атина, Кимберли Гилфојл, која на некоја вечера кажала дека ја презема заслугата за падот на владејачката коалиција во Романија. Пред грчките политичари додала: „Можеме да ѝ го направиме тоа на која било земја ако сакаме. Можеме да го направиме тоа и тука“.
Таа самата си го стави свилениот гајтан, па поднесе оставка, веројатно некој не го вклучил филтерот пред да биде испратена во дипломатска мисија во Грција, па затоа и таков скандал. Но приказната на Еплбаум тече и влегува во нејзината клучна поента: „Во минатото, Вашингтон во принцип ја поддржуваше демократијата како поредок и ја признаваше легитимноста на сите избрани партии од левиот и од десниот центар. Денес, администрацијата на Трамп и нејзината поврзана бизнис-елита отворено ги туркаат партиите блиски до движењето МАГА – вклучувајќи ги и отворено проруските опции – додека во најмалку три европски земји имало директни обиди да се убедат лидерите да ги исфрлат своите коалициски партнери и да ја споделат власта со радикалната десница“.
Трамп лично повикал полски министер да ја собори владата
Најочигледниот пример се случи во Полска. Еплбаум, чиј сопруг е полскиот министер за надворешни работи Радек Сикорски, наведува дека полските медиуми веќе опширно известуваат за фактот дека Трамп лично се обидел да ја преуреди владата таму.
Кога полскиот министер за одбрана Владислав Косињак-Камиш, лидер на помала партија во владејачката коалиција, го посети Вашингтон оваа пролет, Трамп го однел настрана и му рекол отворено дека ќе му биде многу подобро во Белата куќа ако ја напушти сегашната влада и склучи пакт со полските националисти и крајната десница. Еплбаум забележува дека ништо слично не се случило во нејзината земја од деновите кога советските владетели одлучуваа кој ќе ги води полските комунисти.
Слично сценарио се одигра и во Романија, обелоденува Еплбаум, каде што поранешната амбасадорка Гилфојл се мешаше во локалната политика со тоа што се залагаше за изградба на гасовод и купување американски течен природен гас во име на компанија чиј лобист патуваше со неа. Тогашниот романски премиер Илие Болојан ја поддржал изградбата на гасоводот, но одбил да потпише договори за купување американски гас бидејќи цената беше превисока и Романија се подготвуваше да го извезува својот гас. Гилфојл потоа беше фотографиран во Букурешт како вечера со лидерот на романските социјалдемократи, Сорин Гриндеану, чија партија беше дел од владејачката коалиција.
Кратко потоа, социјалдемократите ја напуштија владата и, заедно со романската радикална десница, му изгласаа недоверба на премиерот Болојан. Овој потег, исто така, го сруши долгогодишниот политички ѕид што ги држеше партиите склони кон фашизам надвор од власт, нагласува Еплбаум.
Според неа, Белата куќа сега се обидува да го сруши истиот овој ѕид во Германија, а целта е да се принуди конзервативната ЦДУ да ја прекине соработката со социјалдемократите и да ја сподели власта со радикалната АфД, партија што отворено ги претставува интересите на Москва и чии поединечни членови одржуваат врски со неонацистите.
Претпоставуваме дека анализите се поткрепени со високи официјални извори и дека дополнително анализата добива на тежина затоа што е потпишана од ценет врвен автор. Она што за нас е интересно е дека во овој голем „пресврт“ на надворешната политика е опфатен кус период, односно нешто што се случува од доаѓањето на власт на администрацијата на Трамп. За чудо во тоа и нема ништо тајно, затоа што тимот на Трамп и движењето МАГА отворено зборуваат кога поддржуваат некого и што сакаат да постигнат во Европа. А зарем беше поинаку „порано“, како што кажува Еплбаум, кога САД поддржувале и леви и десни опции од центарот, но тоа било според учебникот на некој друг станар во Белата куќа, или тој на глобалистите.
НАРАТИВОТ НА СУВЕРЕНИЗМОТ СТАНУВА СЀ ПОГЛАСЕН
Која е разликата? Моментот е исклучително значаен, бидејќи неолибералните балони во Европа, а особено во САД, го надминаа својот зенит и веќе се издуваа, оставајќи зад себе само кризи. Тие почнаа во Америка, а сега ги гледаме и низ Европа. Наративот за суверенизам станува сѐ погласен, а она што беше санкционирано од неолибералните, односно од глобалистички структури и е поврзано со традиционалните вредности, сега слободно се изразува. Историјата ќе покаже дали движењето МАГА било добро или не, а историјата исто така кажува дека Америка досега интервенирала во шеесетина земи каде што со својата главна перјаница ЦИА сменила влади, а имало и ликвидации и многу човечки жртви.
Авторот Вилијам Блаум, во својата книга „Убивање на надежта“, пишува за шеесетина интервенции на САД, американската армија и на ЦИА, и тоа само за периодот по Втората светска војна. Долга и предолга е листата на тие интервенции што се објавени во книгата за која Ноам Чомски рекол дека е една од најдобрите за дејанијата на американската армија и ЦИА. Книгата доживеала повеќе изданија (може да се симне од интернет бесплатно) и се надградувала со нов материјал, но во неа го нема периодот на пример за интервенциите со таканаречената Арапска пролет, распадот на Југославија, Сирија и со настаните поврзани и со Македонија. Иако Македонија на тацна го доби досието на ЦИА за тоа што му било нудено на претседателот Киро Глигоров за да го смени името, а секако и телеграмите што се најдоа на Викиликс, во Македонија никој од официјалните власти не ги сфати сериозно тие факти, но и пораки, за да го врати националното достоинство со тоа што ќе го врати историското име на Македонија. Со тоа ќе се врати и сувереноста, а токму тоа е гласот што се слуша низ светот. Ако ја слушаме новизбраната претседателка на Бугарија, Илијана Јотова, таа токму тоа го истакнува – Бугарија ќе носи суверени одлуки.
Каде ЦИА направила преврати?
Ќе ги наброиме таксативно позначајните интервенции: Кина 1940-1960, Италија 1947-1948, Грција 1947-1950 (Граѓанската војна, која нѐ засега и нас Македонците и кога кон нашиот народ се применува Монроовата теорија), а потоа повторно Грција 1964-1974 (воената хунта), Кореја 1945-1953, Албанија 1949-1953, а потоа повторно 1991, Источна Европа 1948-1956, Иран 1953, Индонезија 1957-1958 (ќе биде ликвидиран Сухарто), Виетнам 1950-1973, Бразил 1961-1964 (за последните избори ќе причекаме на свежи информации, но бегството на Болсонаро на Флорида е индикативно), потоа Перу, Чиле, Бугарија… Америка применува разни доктрини, но во суштина таа е насочена кон ништење на комунизмот или социјализмот и кон создавање свои марионетски влади. Не секаде тоа било поврзано со идеологија, но во најголем случај било така. Што се променило со Трамп? Тој ја создава историјата и ќе треба да помине време за да ја оценуваме политиката на МАГА. А некои анализи велат дека социјализмот почнува да фаќа корен и во Америка, и тоа токму во дворот на демократите, што е доволно за внатрешен идеолошки судир.
































